Свечено откриено спомен-обележјето на Св. Климент Охридски во Универзитетската библиотека во Битола

од • September 5, 2026 • 0 коментари

Во холот на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола свечено беше откриено новото спомен-обележје посветено на патронот на установата – Св. Климент Охридски, еден од најзначајните симболи на словенската писменост, просветителството и духовното и културното наследство.

Спомен-обележјето е дело на авторот Зоран Николовски, кој пред присутните зборуваше за сложениот процес на создавање ликовна претстава на историска личност за која не постои непосреден визуелен запис.

„Сите ние сме автопортрет на Бог, кој го создал човекот и светот“, истакна Николовски, додавајќи дека при создавањето на ликот на Св. Климент се потпирал на старите фрески и историски записи, но дека тоа не ја прави уметничката задача полесна.

Библиотеката да стане дел од културно-туристичката понуда на Битола

На свеченоста се обрати и директорката на Библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која посочи дека проектот „Соба на Св. Климент Охридски“, реализиран во рамките на Годишната програма за 2026 година со поддршка од Министерството за култура и туризам, е дел од пошироката визија за развој и поголемо отворање на институцијата кон јавноста.

„Нашата цел е НУ Универзитетска библиотека ‘Св. Климент Охридски’ – Битола да биде препознатлива не само како место за читателите, студентите и истражувачите, туку и како значајна културна точка за сите посетители на Битола“, истакна Стефановска-Давкова.

Во таа насока се работи на доуредување на музејската поставка, соодветно застаклување и изложување на старите и ретки книги, периодичните изданија и предметите поврзани со историјата на Библиотеката, Битола и државата. Предвидено е и уредување на посебна „Соба за музикалии“ на вториот кат.

Делот од објектот во кој се наоѓа музејската поставка е под заштита согласно прописите за културното наследство. Намерата е, во соработка со НУ Завод и музеј – Битола, други културни институции и туристички чинители, Библиотеката постепено да стане препознатлива точка и во културно-туристичката понуда на градот.

Од 1945 година чувар на книжното и културното наследство

Библиотеката е основана како градска библиотека на 25 март 1945 година, а денес има статус на Национална и Универзитетска библиотека. Од 1954 година ја извршува и значајната депозитна функција – чување на задолжителниот архивски примерок од книжниот и некнижниот библиотечен материјал.

„Ние не чуваме само книги. Ние чуваме дел од колективната меморија, културниот идентитет и сведоштвата за времето во кое живееле и твореле генерациите пред нас“, порача директорката.

На свеченото откривање присуствуваа Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заменик-градоначалничката на Општина Битола Марина Крстиќ, претставници на институции, уметници, вработени во Библиотеката, соработници, љубители на книгата и бројни гости.

Со поставувањето на новото спомен-обележје, ликот и делото на Св. Климент Охридски добиваат трајно и достоинствено место во битолската институција што го носи неговото име.

Мисијата на Св. Климент – знаењето да се создава, пренесува и да остане наследство за идните генерации – останува и мисија на Библиотеката денес.

Babam Bitola

Comments are closed.