Со свечена програма, НУ „Завод и музеј“ – Битола ја отвори Спомен-собата на еден од најзначајните македонски композитори и музички педагози – Кирил Македонски, оставајќи траен белег во културната меморија на градот и државата.

На настанот се обратија државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска Ѓоргова, градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски, директорката на НУ „Завод и музеј“ – Битола, Маргарета Спасов, раководителот на проектот и дизајнот на спомен-собата, Зоран Николовски, м-р Маја Митровска – надворешен соработник, како и д-р Пламенка Македонска, ќерката на Кирил Македонски.

Присутните имаа можност да го слушнат и срдечното писмо упатено од претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во кое беше истакнато значењето на делото на Кирил Македонски за македонската култура и музичка историја.

Свеченоста беше збогатена со внимателно осмислена музичка програма, составена од композиции на Кирил Македонски. Настапи хорот при Државното музичко училиште – Битола со делата „Ми подари птицата песна“ и „Химна за Св. Климент Охридски“, со солист Ангел Кулески и диригент Лилјана Трајковска Димевски. Маја Митровска, сопран, ја изведе аријата на Јана од операта „Гоце“, првата македонска опера, со пијано придружба на Јана Четелева Белевска, како и Илијана Серафимова во улогата на мајката.

Посебно внимание предизвика и праизведбата на суитата „Во чест на господин Молиер“ (1968) за обоа и фагот, во изведба на Татјана Петрушевска (обоа) и Марјан Милошевски (фагот). Свечената програма беше заокружена со настапот на македонскиот оперски првенец Игор Дурловски – бас, кој ја изведе аријата на Самоил од операта „Цар Самоил“, во придружба на хорот при Државното музичко училиште – Битола и пијано – Јана Четелева Белевска.

Спомен-собата на Кирил Македонски е отворена за посетители секој ден, во периодот од 8:00 до 18:00 часот.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.














Фотографии: Ивона Кочов.





