Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, во Битола ќе се одржи свечена поворка по повод Лазаревото Воскресение, како најава за триумфот на животот и надежта.
Настанот, насловен како „Каланди за Лазарева Сабота“, ќе се одржи во сабота, на 4 април 2026 година, со почеток во 12:00 часот, а поворката ќе започне од Офицерскиот дом.
Поворката ќе биде проследена со изведба на традиционални каланди, кои ќе бидат отсвирени на традиционални инструменти од музичари и отпеани од хористи и верници, носејќи ја пораката за радост, вера и воскресение.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат на ова претпразнично дружење и заедно да ја одбележат Лазаревата Сабота, како дел од богатото православно наследство и традиција.
Целта на настанот е да се оживеат старите обичаи и да се зацврсти врската со духовните вредности, преку заедништво, песна и вера, во пресрет на Христовото Воскресение.
Од тимот Бадникови Поворки -Битола
