Во Центарот за култура – Битола, вечерва (08.01.2026) со почеток од 19:00 часот, се одржа концертот на народни и црковни мелодии насловен „СВЕТ, СВЕТ, СВЕТ“, во организација на Центарот за култура, Општина Битола и КИЦ. Настанот понуди возвишено музичко доживување кое ги спои духовната традиција и современиот музички израз.
Концертот беше збогатен со моќни вокални интерпретации на Горан Трајковски, Тања Царовска, Ана Митоска и Петар Христов, кои со своите гласови создадоа силна емоционална и духовна атмосфера, препознаена и прифатена од бројната публика.
Музичката целина ја надополнија истакнатите инструменталисти: Благојче Трајковски на кларинет, Никола Трајановски на виолина, Филип Михајлоски на канон, Гоце Ристески на лаута, Петар Христов на уд, Коста Стеваноски на контрабас и Пеце Трајковски на перкусии. Нивната заедничка изведба создаде звучен мозаик од балкански, ориентални и духовни мотиви.
Концертот „СВЕТ, СВЕТ, СВЕТ“ уште еднаш ја потврди улогата на Битола како значаен културен центар, каде традицијата и уметноста се негуваат и се претставуваат со висок уметнички квалитет. Публиката го награди настапот со долготраен аплауз, а настанот остави силен впечаток како едно ретко и автентично музичко искуство.
Симона Апостоловска





