Денес, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, во ОУРЦ „Кочо Рацин“ во Битола беше испратена силна порака за значењето на книгата како прозорец кон знаење, фантазија и нови хоризонти.

Преку пригодни активности и едукативни содржини, учениците имаа можност да ја почувствуваат магијата на пишаниот збор и да се потсетат дека книгата е тивок пријател кој секогаш има што да ни каже. Таа нè учи да сонуваме, да размислуваме и да растеме, но и да ги разбираме светот и луѓето околу нас.

Посебен акцент беше ставен на инклузивноста, со порака дека попреченоста не е пречка за љубовта кон книгата и знаењето. Читањето и учењето се достапни за сите, преку различни начини на комуникација, вклучително и знаковниот јазик и алтернативните форми на изразување.
Од училиштето упатија апел до учениците да продолжат да читаат, да истражуваат и да ја откриваат убавината на пишаниот и „кажаниот“ збор, секој на свој начин.

Со вакви иницијативи, ОУРЦ „Кочо Рацин“ уште еднаш ја потврдува својата посветеност во градењето инклузивно и квалитетно образование, каде знаењето е достапно за сите.
Денес читај, утре знај.
