Младиот и исклучително талентиран мотокросист Стефан Ѓорѓиевски (14) од Битола ја заокружи 2025 година со уште еден врвен успех, освојувајќи ја титулата шампион на Македонија во мотокрос во класата MX 85. Со сигурно возење, извонредни настапи и постојана форма во текот на целата сезона, Ѓорѓиевски уште еднаш потврди дека припаѓа меѓу најперспективните млади спортисти во земјава.

Стефан е ученик во ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, VIII-2 одделение, и успешно ги усогласува училишните обврски со сериозна спортска кариера. Неговата дисциплина, посветеност и искрена љубов кон мотокросот резултираа со низа победи и подиуми, со што сосема заслужено го понесе шампионското признание и стана гордост на Битола и Македонија.

И покрај младата возраст, Стефан настапува со зрелост и професионализам, оставајќи силен впечаток на секоја трка. Неговиот успех претставува мотив и инспирација за многу млади спортисти кои сонуваат за големи спортски достигнувања.

Сепак, вреди да се истакне дека Ѓорѓиевски досега се натпреварува без спонзорска поддршка, градејќи ја својата спортска кариера со сопствени средства. Во иднина, тој се надева на соодветна поддршка која би придонела за негов понатамошен развој и нови успеси на домашната и меѓународната сцена.





