Во организација на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, и Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а со поддршка на издавачката куќа „Просветно дело“, неодамна се реализираа три советувања, наменети за воспитно-образовниот кадар во предучилишните установи и во основните училишта во државата, кои беа посетени од над 1800 слушатели. На Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф. д-р Виолета Димова и доц. д-р Ана Витанова Рингачева, им се обратија на слушателите на тема: „Јазикот и книжевноста во наставата во основното образование низ призмата на списанијата за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш свет“, при што потенцираа:„Кога зборуваме за литературното образование и воспитание, треба да нагласиме дека тоа не се однесува само на пишаните текстови туку и на силното влијание на електронските медиуми, како и на киното, театарот и слично. Сепак, една од најважните задачи на наставата по македонски јазик е да се разбуди интересот на учениците за читање на пишаната литература. Поттикнувањето на читањето книги треба да се гледа како договор меѓу генерациите: да се влее желбата за читање на наредната генерација, која нам ни ја подарила претходната генерација. ’Децата не се само идни возрасни луѓе туку и возрасните се поранешни деца‘, рекол Пол Хазард. Токму затоа литературните списанијата за деца се силен врзувачки елемент во темелите врз кои ќе израснат нови цврсти градби, а тоа се идните генерации. Читањето квалитетна литература и општењето со литературни списанија за деца кои почитуваат високи критериуми во својата концепциска поставеност (како што се Росица, Другарче, Развигор и Наш свет) значи градење високи критериуми за тоа како треба да се создава литературата за деца. Литературата за деца може да се вреднува според воспоставените книжевни критериуми исто како и литературата за возрасни. Естетските достигнувања на писателите за деца во приложените книжевни прилози се многу високи, а критериумот литерарност на текстот е задоволен до неговите највисоки вредности, како и естетските критериуми во книжевноста за деца. Повеќе аспекти се во фокусот кога зборуваме за задоволување на поставеноста на нараторот и неговата комуникација со детето (автор – наратор – читател), и кои се негуваат во овие списанија, а тоа се секако:-портретирањето на ликовите и нивните атрибути;-психологизациите и психолошкото портретирање;-ликовите животни и персонифицирањето како важен сегмент;-детскиот аспект;-еколошкиот аспект;-едукативната компонента;-народното творештво во функција на стекнување нови знаења од јазикот и од литературата;-хуморот;-визуелното претставување (илустрациите).Росица, Другарче, Развигор и Наш свет ја имаат улогата на пишан медиум кој остварува директна комуникација со читателот – ученикот, а таа комуникација е во согласност со наставните содржини предвидени за секое одделение, приспособени на возраста и когнитивните способности на учениците. Едукативната функција, која е клучна, а која несомнено ја поседуваат списанијата, ја немаат како свој приоритет друштвените мрежи. Списанијата имаат редакција која се грижи за квалитетот на избраните текстови, за нивните јазични и книжевни карактеристики. Станува збор за селекција која е во функција на правилниот развој на детето. Ако имаме потреба да споредуваме, тогаш несомнено стои заклучокот дека друштвените мрежи го немаат тој филтер и затоа таму децата се соочуваат со примери на насилство (вербално и физичко) – но и она што е во доменот на нашиот интерес денес, се соочуваат, за жал, со примери на насилство врз јазикот, сквернавење на литературниот јазик и сосема неправилна употреба (или непознавање) на основните правописни правила.“
Во Скопје, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, универзитетските професорки проф. д-р Гордана Алексова, проф. д-р Јасна Котеска, проф. д-р Славица Велева и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска се обратија на тема: „Улогата на литературните списанија за деца во усвојувањето и негувањето на македонскиот јазик и на македонската литература за деца“, при што во своите излагања се осврнаа на јазикот на списанијата меѓу комуникацијата и метајазикот, нивните естетски и етички вредности, како и нивната улога во развивањето на културата на говорот и сенсот за убава литература, при што беше посочено дека литературното списание го прави читателот истовремено да е и гледач и слушател, и од таа перспектива се создава иден, нов сериозен читател. Литературното списание е претходница на книгата за деца и на книгата воопшто и има моќ:-да го насочи детето кон препознавање на убавото, а подоцна и на квалитетното;-да му даде можност на детето, заедно и со своите наставници, но и со родителите, да ја деконструира веќе познатата приказна;-да даде освежување на наставната програма;-да функционира како актуелна, интерактивна книга;-да даде време за размислување за прочитаната содржина.Овие списанија за деца се неодминлив и незаменлив медиум кој во голема мера помага во стекнувањето и збогатувањето на културата на говорот, а при тоа се развиваат особеностите и карактеристиките на култивираниот говор како што се:-осмисленост на исказот – единство меѓу говорот и мислата;-целисходност – текстовите имаат јасна цел, т.е. поента на говорот;-правилност – солидно познавање и примена на јазичните/говорните норми;-точност – се одбегнуваат несоодветни зборови и изрази;-јасност – отсуство на двозначност, двосмисленост, се избегнува претераната скусеност, збиеност на исказот;-живост/сликовитост – експресивност без монотонија и патетика, со голем број квалитетни илустрации-хармоничност – едноставна структура на исказот На Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, проф. д-р Билјана Граматковски, проф. д-р Даниела Андонова–Трајковска и проф. д-р Виолета Јанушева говореа на тема „Културата на говорот, литературата и јазикот во списанијата за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш свет“.Во нивните предавања беше предочено дека во списанијата се негува македонскиот стандарден јазик и при изборот на лексиката се употребуваат домашни зборови, но и заемки во согласност со објективните потреби на јазикот. Се сретнуваат и туѓи зборови кои се во чекор со секојдневјето на современото македонско дете, но секогаш се води грижа за објаснување на значењето на домашните зборови, како и на значењето на заемките и туѓите зборови. Исто така, беше потенцирано дека списанијата за деца и нивната интермедијалност со културата на говорот и воспитно-образовниот процес се од суштинско значење, и токму поради тоа, тие:-претставуваат дидактичко средство за реализација на програмските цели;-содржините ја следат програмата за рано учење и развој, компатибилни се со возраста на децата и стандардите за ран детски развој;-имаат есенцијална улога во образованието на учениците, во утврдувањето на стекнатото знаење на училиште кога станува збор за културата на говорот, но и во неговото проширување на еден забавен начин;-адекватно одговараат на најновите светски барања и воспитно-образовни тенденции поврзани со културата на говорењето низ игра и забава, задоволувајќи ги воспитната, социјалната и естетската функција.Списанијата овозможуваат естетска, етичка и критичка анализа на книжевните текстови и претставуваат списанија со литературно-јазични, природонаучни, практични, уметнички и забавни содржини. Во завршните обраќања, меѓу другите, беа извлечени следниве заклучоци:Наставникот на часовите по македонски јазик може да ги користи списанијата за деца најмалку на три начини: да го поттикнува ученикот на самостојно читање дома преку мотивација на час, да избере текст за читање и анализа на час, но и да даде домашна работа од приложените содржини.Списанијата предизвикуваат интерес преку статиите кои го вклучуваат ученикот, преку литературните прилози, но и преку пократките информативни текстови коишто обезбедуваат контекст и знаење.Со помош на списанијата се развиваат интерперсонални комуникациски јазични вештини преку непосредно читање и зголемување на речникот, а се поттикнуваат и усното и писмено изразување.Списанијата претставуваат додаток на учебникот, помагаат во развивањето на медиумската писменост бидејќи содржините во нив соодветствуваат на различните нивоа на способност за читање според возраста на читателот кому му се наменети.А слушателите беа едногласни дека списанијата за деца Росица, Другарче, Развигор и Наш свет се незаменлив печатен медиум и имаат голем придонес во квалитетот на современото образование и воспитание, како и дека по ниту една цена не смее да се дозволи создавање на нивна дигитална верзија.К. Т.
Дома бабам Битола РОСИЦА, ДРУГАРЧЕ, РАЗВИГОР И НАШ СВЕТ – ВИСТИНСКИ ПАТОКАЗ КОН ЈАЗИКОТ, ЛИТЕРАТУРАТА...