Ракометниот клуб Пелистер годинава одбележува значаен јубилеј – 70 години постоење, традиција и спортска историја што длабоко се врежани во идентитетот на Битола и македонскиот ракомет.

По тој повод, во сабота, 27 декември, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи свечена академија под мотото „Meeting the Legends“, настан посветен на луѓето кои го градеа, носеа и прославуваа името на Пелистер низ децениите.

Публиката ќе има можност да присуствува на свечена програма, музички дел и спектакуларен ревијален натпревар на ветерани, во кој ќе настапат поранешни играчи и спортски работници, симболи на златните периоди на клубот, чии имиња и дела засекогаш остануваат дел од зелената историја.

Настанот претставува вистинска средба на генерации, емоционално враќање кон славните години, но и потсетник дека Пелистер не е само клуб, туку чувство, припадност и гордост на целиот град.

Влезот е слободен, а организаторите упатуваат покана до сите љубители на спортот, ракометот и битолската спортска традиција за заедно да се одбележи овој голем јубилеј – 70 години РК Пелистер.