Во дванаесетте месеци кои изминуваат, битолскиот ракометен клуб уште еднаш ја потврди својата доминација на домашната сцена. РК Пелистер ја освои шампионската титула на Македонија трета година по ред, го освои Суперкупот и настапи во финалето на Купот на Македонија. Паралелно со успехот на сениорскиот тим, значајни резултати постигна и развојниот клуб, кој стана шампион во Првата лига, додека младинските категории водеа главен збор во домашните шампионати и остварија пласман до Келн, на европската ракометна мапа.

Клубот се етаблира како стандарден учесник во Лигата на шампионите, а цела Европа повторно слушна за Битола како најракометен град и за нејзините навивачи, кои со години важат за едни од најверните и најгласни на континентот.

Во година во која се одбележува јубилеј, 70 години постоење на РК Пелистер, останува уште една мисија: достоинствено и свечено испраќање на успешната 2025 година.

По тој повод, РК Пелистер организира свечена академија, музичка програма и спектакуларен ревијален натпревар на ветераните, кои ќе се одржат во сабота, на 27 декември, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, со почеток во 18:00 часот. Влезот е слободен.

Настанот ќе биде уште една можност љубителите на ракометот да се потсетат на славното минато, да ги поздрават актуелните успеси и заедно да го прослават јубилејот на клубот кој со децении е симбол на битолскиот спорт.