Кадетската генерација 2008 на РК Еурофарм Пелистер е официјално потврдена како учесник во ЕХФ Лигата на шампиони за млади – најелитното европско ракометно клупско натпреварување за оваа возраст. Со ова, актуелниот кадетски шампион на Македонија продолжува да ја гради својата силна европска репутација.
Учество во елитата претставува признание за посветеноста, дисциплината и врвната работа на младите ракометари и стручниот тим на клубот, кој со години вложува во развојот на сопствени играчи и силен спортски систем.
Минатата сезона, генерацијата 2006 го запиша најголемиот успех на македонски младински ракомет на европско ниво, пласирајќи се на завршниот турнир „Final Four“ во Келн и влегувајќи меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Овој резултат постави високи стандарди и силен мотив за следните генерации.
Генерацијата 2008 решително чекори по истиот пат, со јасна амбиција да го претставува РК Еурофарм Пелистер, градот Битола и Република Македонија на највисоко можно европско ниво. Со континуирани инвестиции во младинските категории, клубот создава стабилна основа за развој на идни шампиони и го унапредува угледот на македонскиот ракомет на меѓународна сцена.





