Ристо Бимбиловски, мојот пријател ,,Преспанската пеперутка”

од July 4, 2026 0 коментари

Ристо Бимбиловски (63) натурализиран прв битолчанец, скопјанец, единствен во светот по својата замисла да го достигне невозможното, врвот на психолошкиот триумф, во својот физичкиот напор, се обиде да стане еден вид божество за сопствена почит и достоинство. Го нарекоа „Осмото чудо од Преспа“.

Личната карта на Ристо Бимбиловски со (не)обичните генерални активности потврдуваат дека се работи за исклучителна личност, што се вели дарувана од Бога, со креативни потенцијали и храброст, но и тешки проклетствија од трите вечери „детето да се мачи, да стане алипно и никогаш да не види аир од својата работа“. Ристо Бимбиловски од потомок на поп Бимбил, маченик во турско има охридско потекло. На 11-годишна возраст доживува трагични настани во семејството и потоа станува дете на домови и интернати, најмногу во Битола. Тука ја завршува Гимназијата покрај Драгор и ја доживува првата љубов. Потоа студира драматургија во Љубљана, а потоа уште чиста филозофија во Загреб. Од интернатскиот живот и дружењето со деца што пелтечат „заработи“ говорна мана што го следи целиот живот и што беше причинска врска за неговите нови активности и дваесетгодишната борба со езерските бранови, и со водите на Нил и други водени предизвици на маратонските негови соништа, па дури и два обиди да го преплива Ла Манш во стилот „пеперутка“ (батерфлај). Токму говорната мана (сакајќи да ја победи и надмине) ќе влијае до повторно раѓање на Ристо Бимбиловски во посебна фигура во македонскиот спорт. Но не само тоа, како спортист на кого сите му се восхитуваа, туку и човек од перото („Нова Македонија“, „Вечер“, „Журнал“) во кој повремено соработува, но често е и на насловните страници. Во деновите на неговото најголемо спортско изненадување го нарековме „Осмото чудо на Преспа“.

Проклетството на талентот на храброста

Уште при најраното наше дружење, резултат на маратонските зафати на Преспанското Езеро, Ристо Бимбиловски се експонираше и како креативно даровит млад човек. Се обиде и на планот на интимната лирика, па осмислуваше драмски текстови „сценарија“. Уште тогаш се забележуваше неговата неконвенционална нота, односно реско перо што дисонантно одѕвонуваше во едноумните простори. И веднаш се поставуваше прекутното прашање кај нас: како ваков Р. Б. ќе векува и ќе може ли да има обезбедена иднина и егзистенција? Тој злокобен насет се оствари. Во целиот живот беше следен од судири со естаблишментот.

Неговиот романтичарски и хуман приод кон животот беше во расчекор со суровата стварност. Понекогаш за своите цели го цедеа како лимон, понекогаш „дародавците ме дозакопаа“ ќе рече резигнирано Ристо во едно интервју („Екран“). Во таа смисла, јунакот од нашата приказна, Ристо Бимбиловски, уште дополни: „Кога за станови и коли јас земав кредити за пливање, затоа сега сум апсолутен пролетер… клоцнат и оттурлен. Со два факултета чекав работа цели 11 години, ќе завршам со половична пензија, а трагедијата… таа си продолжува по инерција.“

Но Ристо не би бил Бимбиловски ако потклекнува на сите овие премрежија. Него ниту тајфун не би го соборил. По возобновувањето на Охридскиот маратон во самостојна Република Македонија, каде неговиот пристап е акцијата на спортскиот неделник „Скок“, каде презентира бројни македонски сеќавања. „По таков трагикомичен животопис, сега, на стари години, почнувам да се освестувам – својата писменост да ја искористам за себе.

Подготвувам неколку сатирични трагикомедии. Едноставно, чувствувам желба да почнам да „касам“. Да додадеме уште дека голем непребол во срцето носи (неговата внука од сестра).

Од непливач до цар на езерата

Ристо Бимбиловски имаше веќе 24 години, а не знаеше да плива. Токму таа 1959 година се ослободи во водата и виде како да е скроен за живот во езерото. Тоа беше во Преспа. И, замислете, тој тукушто се „испи­ли“ како пливач, а соопшти дека ќе се обиде да го преплива Преспанското Езеро. Феријалците со кои беше на летување во Претор, прво се зачудија, а потоа се вклучија во организацијата. Тоа беше првиот пат. Потоа Ристо ги преплива Преспанското Езеро на релација Претор – Отешево, или обратно уште 24 пати во неговиот стил „пеперутка“ (батерфлај). Оттогаш на целата седма деценија на нашево време со Ристо Б. имав професионални контакти и пријателски разговори. Бимбиловски го чекавме во Претор на неговите триумфи подготвени со ќебе за затоплување штом излезе од водата.

Во тоа време Ристо Б. беше поим кај младите во Битола и во Републиката. Немаше лето, а да не се чуеше нешто за Ристо Бимбиловски и неговите маратонски „прошетки“ по водите на Преспа или учество на Охридскиот маратон. Така Ристо, сакал или не, стана цар на езерата, посебно на Преспанското. Во еден момент мене ми донесе сувенир свинга од маратонот на Нил во Египет. Тогаш се заколна дека ќе го преплива фамозниот Ла Манш и тоа во стилот „пеперутка“ што никој досега не го има сторено. Два обиди упорно и со кредити и задолжувања догуша и без очекуваниот трофеј. И двата пати времето не му беше наклонето. Луѓето од британската пловидба во Фолкстон му советуваа никако да не влегува во каналот на 1 септември 1970-тата. Некој ќе речеше зошто овој човек го правеше ова на сопствена штета. Одговорот е мошне комплициран. А, треба да се знае дека силниот мотив кај Бимбиловски во неговата убиствена упорност бујато никнеше на очекувањето и голема надеж дека нешто вонредно посебно постигнато ќе може да си го врати своето грло на почетокот на течно искажување на својата богата мисла. Од сето тоа само МАРАТОНОТ МАКЕДОНСКИ во срцето го носи.

Паган и бунтовник – со причина

Природа е и сакам да оставам нешто за своите размислувања за личноста на Ристо Бимбиловски како несекојдневен примерок на упорност и разочараност во макотрпните повторувања. Патуваше во Англија за да го „свитка“ тој пален Ла Манш. Само победата му беше значајна патеводителка на трасата на животната минливост. Ако резонираме, според теоријата на релативитетот дека секој е гение, или луд на свој начин, или, јас би додал, најчесто и едно и друго. Р. Б. за живота си изгради и споменик во нашето вечно паметење. Нешто како Рацин „Ако куќа не изградив со високи шимшир порти…“. Бимбиловски не изгради куќа, бидејќи кредитите за таа намена испарија по европските патишта и престојте во Фолкстон и големата желба и надеж да го совлада Рубикон – Ла Манш.

Да е жив цар Самуил сигурно на Ристо Бимбиловски ќе му „закачеше“ највисоко одликување, ќе го назначеше за дворјанин со апанажа и трајна егзистенција, со образложение. Како дете на Сонцето (Дајбог) и водата, номад во просторот во езерските километри за Ристо Бимбиловски, не претставуваат реални далечини, туку прошетка до саканата или роднините. Ритмичкото повторување на неговата мускулатура го понесуваше како најубава музика. Паганот на Ристо Бимбиловски, го враќаше постојано на Дајбог – Сонцето, во кое единствено веруваше дека ќе му помогне да го исцели грлото, а плачот на ослепените Самуилови војници го жегнуваше до солзи и инает за да истрае.

Накусо: Ристо Бимбиловски се експонира како неконвенционален човек, бунтовник со причина, креативна енергија што топи железо. Неговата девиза беше: смрт или метаморфоза; со пречистено грло или присуство во сеопфатната вечност. Водата за Ристо Бимбиловски беше и останува исконски пречистувач на сите фекалии и злодела. Со упорност и заблуденост на паган, иако свесен за својот атавизам, постојано ја повторуваше својата намера и „грешка“ кон јаловата цел.

Во оваа ретка бајка „Си беше еден човек…“ без оглед на стореното највеличествена е упорноста со натчовечки напори да се постигне невозможното, сонуваното, да се биде ист со сите, како другите „нормални“ луѓе. Ако беше таков ние не ќе го имавме овој Ристо Бимбиловски. И на крајот: зарем сите ние не сме деца на Сизиф? Какви ли не сторенија чиниме за да ја победиме минливоста, а само го одлагаме денот на ризикот. И да завршам:

Зарем во секој од нас не се крие Ристо Бимбиловски. Само што тој Ристо Бимбиловски беше толку храбар и гласен. Тој се обиде!

Д.Д. Такец, Перформансите на Широк Сокак

Babam Bitola

Comments are closed.