За многу деца во 90-тите, настап на СИДО бил сон. За Ристе Печипајковски, тој сон започнал сосема скромно, пеејќи пред табла во училиште.

Ристе е еден од оние учесници кои на фестивалот стигнале преку училишните аудиции, додека дел од децата доаѓале и од нижото музичко училиште.

„Формулата во наше време беше на два начина, преку аудиција во училиште, каде пеевме пред табла, и дел беа деца што одеа во нижо музичко училиште. Јас бев од првите“, раскажува Ристе со насмевка.
Но, вистинскиот пат до сцената на СИДО допрва почнувал.

Следувале многу аудиции во Пионерскиот дом, каде Ристе во тоа време бил дел и од игроорната секција.
„Мислам дека Трајче Магловски се викаше Пионерскиот дом во тоа време. Одев и во игроорна секција, а подоцна околу 15 години бев играорец во КУД „Илинден““, вели тој.
Особено место во неговите спомени има Валентин Соклевски, човекот кој подоцна му станал ментор.

„Мој ментор беше Валентин Соклевски, кого и до ден денес премногу го почитувам. Имаше големо влијание врз мене, пред сè како педагог, па потоа учител“, раскажува Печипајковски.
Интересно е што дома долго време не знаеле што точно се случува.

„Сè беше тајно дома. И кога ја добив песната ,,Баксуз сум се родил”, сè уште не знаеја дали навистина ќе пеам на СИДО и дали да ми купуваат алишта“, вели низ смеа.
Во меѓувреме, Ристе веќе ја слушал својата демо снимка на обична касета, отсвирена само со гитара.

„Мислев дека е сон, затоа што во тоа време СИДО беше престиж“, додава тој.
Денес, Ристе работи како комерцијалист во ИГИ 2000, а слободното време го посветува на планината, велосипедизмот и спортот, кои му се голема љубов.
Но, како и за многумина од генерацијата, СИДО останува нешто што никогаш не се заборава, еден миг што го променил текот на детството и оставил спомени за цел живот.
Фотографии Камерен Оркестар Дива


