РЕТРО: „Со пајтон среде бетон“ – интервју со Калица од 1996 година

од May 28, 2026 0 коментари

Пред точно 30 години, во 1996 година, Битола живееше меѓу калдрмата, пајтоните и староградските серенади, а еден тивок битолчанец, кој повеќе сакал песните да зборуваат наместо него, го доживуваше својот голем музички момент.

По успехот на „Печалбарска балада“ на фестивалот „Цветници ’96“, каде песната ја освои втората награда од жирито и ги допре срцата на публиката, во едно ретко интервју со наслов „Со пајтон среде бетон“, зборуваше човекот зад многу музички бисери – Петар Георгиев, Калица.

Во воведот на интервјуто, новинарот го опишува Калица како човек што „ќе молчи, молчи, па туку, наеднаш – ‘Ако одам во Битола’…, ‘Стариот чумбушлија’…, ‘Печалбарска балада’…“, човек кој тивко создавал песни што денес се дел од музичката меморија на Битола.

Калица тогаш искрено зборува за својот најголем хит во тој период – „Печалбарска балада“, изведена од Борис Чоревски – Чоре:

„Сакам песните да говорат за мене, а не јас за нив. А Чоре… тој на сцената беше магнетичен. Кога ќе почнеше: ‘Е, уште си убава, мори Трено…’, тоа не беше само изведба. Тоа беше историско паметење. Музиката и зборовите се мои, ама тој ѝ даде душа на таа балада.“

Во интервјуто открива и интересен детал – песната првично била предложена за домашниот избор за Евровизија, но не ја добила шансата:

„Мислев – со што друго, ако не со песната, со онаа нашата – старата, печалбарската – треба да му се претставиме на светот? Не бидна, ама не жалам. Вистинската награда беше што ја почувствував топлината кај луѓето.“

Особено впечатлив е делот кога зборува за својата најголема инспирација – Битола:

„Без Битола ја нема ни оваа приказна. Ме инспирираат калдрмите, пајтоните, чаршијата, песните испеани под китнестите чардаци и пенџери. Јас едноставно пулсирам со некој друг, старински ритам.“

Иако тогаш веќе стоел зад песни како „Ако одам во Битола“, „Стариот чумбушлија“ и други безвременски мелодии, Калица останал скромен човек, далеку од рефлекторите.

„Додека светилките беа насочени кон актерите што ја кажуваа мојата балада, јас стоев зад сцена. Светилките се за актерите, моето е да ги создавам приказните.“

А на крајот од интервјуто, остава реченица која и денес, три децении подоцна, звучи како симбол на старата битолска душа:

„Продолжувам по моето… да се возам во пајтон – среде сиот овој бетон.“

Екран 1996г.

Babam Bitola

Comments are closed.