Иако денес гејминг индустријата е преселена во домовите и на паметните телефони, споменот на култните битолски флиперници сè уште е жив. Една неодамнешна дебата на социјалните мрежи отвори „пандорина кутија“ со сеќавања, потсетувајќи нè на времињата кога главна валута за забава беше жетонот, а најголем престиж – рекордот на омилениот апарат.

Златната ера во Градскиот парк и на Широк Сокак

За многумина, срцето на оваа култура започна во Градскиот парк. Тука доминираа легендарните „Мамут“ и „Скантата“, кои според сеќавањата на битолчани биле меѓу првите што понудиле ваков вид забава уште во доцните седумдесетти години. Во тој златен период, неизбришана трага остави и Сејдо Боксерот со неговите апарати во паркот, додека нешто потаму, кај Стара Софка, култниот Бале Кривиот уште од 1977 година го создаваше најомиленото збиралиште за љубителите на „рачките“.
Најфреквентната точка во градот, Широк Сокак, исто така ги чуваше своите адути преку Петко и познатиот Младен, во градот запаметен како Младен Брадата. Тој првично ги пречекуваше играчите спроти слаткарницата „Београд“, а подоцна својата дејност ја пресели кај дрвениот мост на Драгорот спроти „Сабина“. Во непосредна близина работеше и Бовал, место кое низ децениите помина низ многу пренамени, но во меморијата на постарите остана како елитна сала за забавни игри.

Маалските легенди и нивните сопственици

Флиперската треска длабоко навлезе во секое битолско маало преку ликови кои станаа синоним за детството на многу генерации. Во Нова Битола, покрај познатите Камел и Валме, главни станици беа местата кај Ставре, Дадо и Чакмакот. Оние пак што живееја кај Црн Мост, со носталгија се сеќаваат на Владо Црвениот и флиперницата кај Дебелиот покрај Драгорот. Маџар Маало и просторот под Хотел Битола беа „територија“ на Стојмир и Амико, додека кај Старата болница со задоволство се споменува името на Добре.
Во Лавчанската населба се негуваше еден поинаков дух, на ул. Пецо Божиновски кај Вели и неговата сопруга Вера. Таму, во нивниот „Ловечки рај“ исполнет со препарирани животни, децата не само што ги трошеа жетоните, туку честопати заедно ги пишуваа домашните задачи и се воспитуваа под нивно будно око. Слична маалска кохезија постоеше и кај Буги во близина на училиштето „Трифун Пановски“, кај Орце над „Тодор Ангелевски“, кај Тони во близина на „Даме Груев“ и кај Ацо спроти „Кифлата“. Сеќавањата не ги заобиколуваат ниту Плагијат во Арнаут Маало, Коле во Кланицата, како и култните Маруш и Милојца кај „Елпида Караманди“.

Повеќе од само игра – начин на живеење

Она што ги поврзува сите овие локации, од најстарите маалски дуќани па сè до подоцнежните Леоне и Инфинити во Домот на културата, е социјалниот момент кој денес полека исчезнува. Битолчани сведочат за времиња кога со само неколку денари кај овие луѓе се добиваше целодневна дружба и пријателства кои траат до денес. Тоа беа места каде се „киднаа“ часови, се делеше последната банка за еден жетон и со возбуда се следеше секој нов рекорд на екраните.
Денес, иако објектите се пренаменети во модерни кафулиња или маркети, духот на битолските флиперници живее преку приказните за овие сопственици. Тие остануваат симбол на едно поразлично, понепосредно детство, кога најголемата мака беше дали ќе заглави жетонот во апаратот кај некој од легендарните битолски газди.