Во архивите на ВБУ регистерот остануваат забележани многу имиња кои ја граделе музичката сцена на Битола. Меѓу нив е и Сефедин Бајрамов, роден во Битола на 28 мај 1955 година.
Со музика почнува да се занимава уште од 1972 година, а своите први настапи ги прави во родниот град со Оркестарот при Домот на ЈНА. Неговиот талент брзо бил препознаен, па во 1974 година го добива признанието „Златен глас на Битола“. Истата година на републичкото натпреварување на пејачи аматери во Скопје го освојува второто место.
Во 1976 година настапува на Младинскиот фестивал во Суботица со групата БТ-ТОП, каде ја освојува втората награда од стручното жири. Неговата прва снимка за Радио Скопје е реализирана во мај истата година, со композицијата „Прости ми“ од Мехмед Манев.
Ова е уште едно потсетување на времето кога Битола создаваше млади таленти кои чекореа кон музичката сцена на поранешна Југославија.
