​Битола отсекогаш е град со голем број знаменитости и убави градби, град кој бил посетен од најголемите личности на големи царства и империи кои биле желни и љубопитни во своето време да дојдат и да ја разгледаат, восхитувајќи се на нејзината местоположба и грандиозна убавина. Една од главните улици каде живееле богатите аги и бегови бил денешниот Булевар 1ви Мај.Поради свежината која ја носи реката Драгор и поветарецот кој по нејзината должина го носи со себе и чистиот воздух од Баба планина, агите и беговите милувале, баш тука покрај Драгорот сите да имаат своја резиденција. Некогашна беговска куќа преправена во резиденција по желба на големиот султан Решад Петти се наоѓа баш од левата страна  на самата река Драгор, која денес ние битолчани ја препознаваме како Ректоратот.

Резиденцијата на Султанот

Овој објект бил изграден во 20 век и служел како резиденција на султанот Решад Петти при неговата посета во Битола во 1911 година. Во зградата некогаш била сместена и Општината како и историскиот архив на Битола. Од основањето на Универзитетот во 1979 година, објектот станал седиште на ректоратот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“.

Влезот во резиденцијата

Оваа зграда е пример за еклектична и нео-ренесансна архитектура, декорот на фасадата е особено збогатен со аголни врски, отвори, картуши, венци, надополнети со богати орнаменти од керамика со цветни мотиви.

На северната страна има мала градба која некогаш била мал амам, кој бил заедно со просториите од харемот што бил близу до овај објект на султанот Решад Петти. 

Влезот во малиот амам

Внатрешноста на амамот

Градежните работи во овој импозантен објект кој бил резиденција на султанот биле долготрајни, а неговиот престој во Битола краток. Имено самата градба е правена по порачка и желба на султанот и е иста како таа која ја имал во Истанбул.

Османлиски симбол на звезда и полумесечина

Браќата Манаки со нивната камера ја имаат овековечено посетата на Турскиот султан Мехмед Решад Петти  во посета на Битола. Филмот на браќата Милтон и Јанаки Манаки од 1911 година во времетраење од 16 минути е снимен без звук, во црно бела техника и 35 милиметарска лента. 

Декор од надворешната врата

По победата на Младотурската револуција во 1908 година султанот Мехмед Петти Решад бил поставен на чело на Османлиската империја, кој владеел до 1918 година и бил предпоследен турски султан. Во 1911 година тој тргнал во посета на најодалечените европски краеви на своето царство и при оваа своја обиколка ги посетил Битола и Солун. 

Внатрешноста на резиденцијата

Внатрешноста на објектот не е многу видоизменета, орнаментите на стакло, вратите, дрвените таваници, се уште од неговата изградба и се автентични, како и распоредот на собите и сл.Објектот е заштитен како споменик со историско значење за нашиот град.

Орнамент на стакло во внатрешноста на објектот

Денес тука во неа е сместен Ректоратот на Универзитетот св.Климент Охридски од Битола, на кои јавно им се заблагодаруваме за соработката и изразената подршка со цел сите вас да Ве запознаеме повеќе со убавината на оваа градба.Вас бабам битолчани…

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here