На 20 декември 2025 година, во просторот на Магазата, беше реализиран проектот „Моја инспирација – музејската колекција на носии и текстил како поттик во визуелната уметност“, кој ја отвора музејската збирка кон современи уметнички интерпретации и нови визуелни наративи.

Проектот е авторски, раководен и кураторски воден од Наде Геневска Брачиќ, кустос-советник, а во негови рамки беше поставена изложбата „Апологија II: простор и време“ на уметницата Љубица Мешкова-Солак.

Во фокусот на проектот се наоѓа колекцијата на народни носии и текстил од збирката на НУ Завод и Музеј Битола, согледана не само како историско наследство, туку и како жив извор на визуелна, симболичка и емотивна инспирација. Кураторскиот пристап ја надминува класичната музеолошка улога на зачувување и интерпретација, отворајќи простор за дијалог меѓу музејските предмети и современата визуелна уметност.

Како гостин-уметник во проектот, Љубица Мешкова-Солак (Буба) ги трансформира традиционалните мотиви од музејската збирка во нови текстури, форми и композиции, задржувајќи ја нивната препознатливост, но сместувајќи ги во современ графички и визуелен контекст.

Проектот „Моја инспирација“ ја потврдува идејата дека музејската колекција може да биде активен и моќен извор за современото уметничко творештво, придонесувајќи кон зачувување, но и актуелизација на нематеријалното културно сеќавање. На овој начин, музејската збирка продолжува да живее како отворен процес и трајна инспирација за нови уметнички приказни.

Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Фото: Дражан Брачиќ