Радио 106 од Битола и оваа година ја продолжува својата долгогодишна музичка традиција со големото годишно шоу „Најдобрите во 2025!“, во кое ќе бидат прогласени најдобрите артисти и музички изданија од светската сцена.
Овој амбициозен проект започна во 2001 година со цел да се пренесе вкусот на македонската публика во формат на церемонија слична на светските Grammy и Brit Awards, но со автентичен избор заснован на слушаноста и популарноста на песните кај домашната публика. Оттогаш, Радио 106 секоја година продуцира и емитува повеќечасовна спектакуларна програма во која се избираат најдобрите во вкупно 20 категории.
Меѓу нив се најдобра поп, рок, латино, хип-хоп, R&B, денс и саундтрак песна, најдобар ремикс и продуцент, најдобар машки и женски артист, најдобра група, како и хит на годината според Радио 106 и според слушателите. Номинациите претставуваат своевидна галерија на звукот што ја одбележа годината – музички моменти кои оставиле трага и ќе траат.
„Најдобрите во 2025!“ е кулминација на музичката година – звучен преглед и фестивал на најзначајните изданија и пресвртници на светската музичка сцена. Без црвен тепих, но со силна резонанца кај публиката, шоуто нуди ексклузивитети, концертни изведби на најпознатите хитови, рецензии и анализи, како и изјави од самите музички ѕвезди.
Премиерното емитување ќе биде на 30 декември со почеток во 14:00 часот на фреквенцијата 106.6 FM – Радио 106 Битола, а репризно шоуто ќе може да се слуша на 5 јануари 2026 година, исто така од 14:00 часот. Комплетната листа на номинирани, пропозициите и дополнителни информации се достапни на официјалната веб-страница www.106.com.mk, каде може да се преслушаат и претходните изданија на шоуто.
Покрај оваа манифестација, Радио 106 ја продолжува и својата новогодишна традиција со „Новогодишното шоу на 106-ка“, кое ќе се одржи на 31 декември од 10 до 15 часот. Со вклучувања во живо, дружење со слушателите и доделување подароци, ова шоу секоја година бележи рекордна слушаност.
Со ова, Радио 106 уште еднаш ја потврдува својата улога како значаен музички репер и глас на публиката, не само во Битола, туку и пошироко.





