Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа креативна работилница посветена на изработката на мартинки, со која традицијата беше претставена на младите генерации на еден жив и едукативен начин.

На работилницата учествуваа ученици од прва и втора година од текстилната струка – техничар за дизајн на облека при ООУ „Таки Даскало“ – Битола. Под менторство на Живка Танушева Ицаноска и со поддршка од образовната асистентка Ивана Филиповска, учениците со голема посветеност и креативност изработуваа мартинки – традиционален симбол на пролетта и новиот почеток.

Мартинката, составена од засукан бел и црвен конец, носи силна симболика. Црвената боја ја претставува крвта, животот, силата и енергијата, додека белата симболизира чистота, радост и нов почеток. Според народното верување, носењето мартинка во месец март, кога природата се буди, носи здравје, среќа и благосостојба.

Во рамки на настанот, директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, им подели мартинки на редовните читатели, посакувајќи им здравје и среќа. Овој симболичен гест ја заокружи атмосферата на заедништво и радост, потсетувајќи дека традицијата продолжува да живее преку новите генерации.

Со вакви активности библиотеката уште еднаш ја потврдува својата улога како културен центар во градот, каде што се негуваат традицијата, знаењето и креативноста на младите.





