Интервју за БАБАМ БИТОЛА

ББ: Годинава најавивте неколку промоции на ваши дела. Какви се вашите планови, со што започнувате?

ИТФ: Првиот настан е промоцијата на мојата збирка поезија „Елисиски ехо: Поезијата на меморијата на слободата“. Ќе се одржи за неколку дена во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Оваа збирка содржи песни создадени по пандемијата, инспирирани од слободата – и индивидуална и универзална.

Денес сме сведоци на свет во кој слободата згаснува, а некогаш тоа беше тема за комедија. Оваа книга е мој одглас за копнежот по вистинска слобода.

ББ: Во овај месец март, покрај поезијата, ќе имате промоција и на драмски текстови. На кратко, што може да очекува публиката?

ИТФ: На 27 март, на Светскиот ден на театарот, ќе бидат промовирани две мои драми – „Земја на отпад“ и „Излез“. Овие текстови се провокативни, сурово реални, но и неопходни.

Темите што ги обработуваат се повеќе од актуелни – не само тука, туку насекаде. Театарот е место каде што вистината се изговара без страв, а овие драми го прават токму тоа.

ББ: Големата завршница е во мај со промоција на роман. Кажете ни нешто повеќе за него?

ИТФ: На 9 мај, симболичен ден, ќе го заокружиме походот со промоцијата на романот „НОЌТА – Филм кој се чита“. Ова дело го создавав од 2018 година и верувам дека е достоен текст за подигање знаме на слободата. Посебна чест ми е што романот е поддржан од Министерството за култура на Македонија како дело од национален интерес за 2025 година. Овој роман е доста уникатен на повеќе нивоа. Најпрво, претставува обратен процес – новелизација на сценарио. Сценариото за овој филм беше наградено од Агенцијата за филм во 2018 како најдобро сценарио, но веќе на наредниот конкурс беше одбиено за снимање.

Парадоксално, зар не?

Дури и романот се бори со системот, со метастазите на корупцијата и со борбата на чесните индивидуи во морето од аматеризам и злоупотреби.

Романот е инспириран од вистинска приказна, но сместен во денешно време, така што сите ликови и случувања се моја авторска креација. Поради природата на настанот, темите и суштината на романот, промотерите не се само дејци од литературата, туку и експерти од правосудниот систем и безбедносните структури.

ББ: Вашите дела се со силна општествена порака. Како гледате на улогата на литературата денес?

ИТФ: Литературата е одраз на времето, но и негов коректив. Во свет каде што вистината е често заматена, зборот останува светилник. Пишувањето е мојот начин да се спротивставам на молкот, а овие книги се мојот глас.

ББ: За крај, што би им порачале на вашите читатели?

ИТФ: Да читаат со отворено срце и буден ум. Да не се плашат од вистината, затоа што таа секогаш најде пат до оние што знаат да ја слушнат.