Младинскиот репрезентативец на Македонија, Славчо Шулески, е ново засилување за Еурофарм Пелистер 2. Дваесетгодишниот среден бек пристигнува од редовите на Тиквеш и од јули ќе му се стави на располагање на тренерот Александар Зарков.

Шулески е роден во Струга, висок е 180 сантиметри и веќе неколку сезони наназад е препознатлив по настапите во домашното првенство. Ова лето ќе ја претставува Македонија на Светското младинско првенство кое ќе се одржи во Полска — дополнителен доказ за неговиот потенцијал и амбиции.

Претставувањето на новиот ракометар пред битолската публика е планирано на почетокот на подготовките на Еурофарм Пелистер 2, кон крајот на месец јули.

Со овој трансфер, клубот уште еднаш ја потврдува стратегијата за инвестирање во млад и квалитетен домашен кадар, со јасна визија за иднината на битолскиот ракомет.