Хачико, прифатилиштето за бездомни животни започнува нова креативна и емотивна кампања под наслов „Приказните на уличните кучиња“, реализирана во соработка со фотографите Александар Василевски и Ивона Кочов.

Преку силни фотографии и искрени приказни од секојдневието, кампањата има за цел да ја доближи јавноста до уличните кучиња и да потсети дека тие не се „туѓи“, туку дел од заедницата, дел од улиците, маалата и животите на луѓето. Секое куче носи своја приказна – мала или голема, тивка или гласна – која заслужува да биде видена и раскажана.

Од Хачико посочуваат дека со оваа иницијатива сакаат да поттикнат поголема емпатија, прифаќање и љубов кон бездомните животни, но и активно вклучување на граѓаните. Кампањата е отворена за сите кои сакаат да споделат фотографија и кратка приказна за улично куче кое го сретнале, запознале или засакале.

Фотографиите и текстовите може да се испраќаат преку Viber на бројот 078 243 239, по што тие ќе станат дел од заедничката визуелна и раскажувачка платформа на кампањата.

„Секоја слика има глас. Секоја приказна заслужува да биде раскажана“, порачуваат од Хачико, надевајќи се дека преку уметноста и човечките приказни ќе се создаде поголема свест и грижа за бездомните животни. 🐾





