Алексеј е една благородна душа која ретко се среќава. За Дариа, девојчето од неговиот клас кое има дислексија и секојдневно се соочува со предизвиците и несигурностите што ги носи оваа состојба, тој е вистински столб на сигурност.

Низ сите години од нивното заедничко школување, Алексеј беше покрај неа. Не само како соученик, туку како искрен пријател и поддршка во секојдневниот живот. Тој ѝ помага во сите училишни активности, ја зема од дома и ја носи назад, се грижи за неа за време на одморите и без двоумење ѝ ја пружа секоја потребна помош. Со своето внимание, трпение и грижа, делува поттикнувачки врз Дариа и ѝ дава сила да верува во себе.
Заедно се радуваа и на нејзината прва ликовна изложба. Дариа е девојче кое прекрасно се изразува преку своите цртежи, а Алексеј безрезервно ја поддржува и искрено верува во нејзиниот талент.
Токму поради неговата несебична грижа и човечност, Алексеј од ОУ ДАМЕ ГРУЕВ доби признание кое досега никој не го добил – ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ ЗА ХУМАНОСТ И СОЛИДАРНОСТ. Признание кое сведочи дека ова младо момче е навистина ГОЛЕМ ЧОВЕК.

Оваа особина на Алексеј ги потсетува сите дека вредностите во образованието не се само бројки и оценки. Ваквото признание бара многу поголема посветеност од борбата за оценки врз која често се темели нашиот образовен систем.
Сите лекции и оценки еден ден ќе се заборават, но приказната за Дариа и Алексеј долго ќе се памети и ќе се раскажува во училиштето. Борејќи се еден за друг, тие постигнаа многу повеќе од успех, нè научија што значи вистинско другарство, солидарност и човечност.
Да ги поздравиме нашите големи души. Останете ГОЛЕМИ, за целиот живот.
