КУЛТУРАТА ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ
Да не речете дека не сум културна ! Бев редовен посетител на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки “. Како го напишав, а што велите . Немаше црвен ќилим , но јас сепак ќе си се дотерав како за некоја свеченост,, зошто за мене навистина беше посебно доживување. Оној мојот зелен фустан стана како џокер, се наоѓа за секоја прилика.
Ми се креваат сафрите кога ќе ми текне на оној мојо Мендо, како не му текнува да ми рече:
Паце еве ти пари и оди во Би Ба Би да си купиш едно убав и модерен костум. Како ми иди да го тупнам по тоа тиквата , бутин да му ја напраам глаата и да не му кажам зошто . Ќе си седневме во салата , убаво и топличко , салата полна со луѓе .Ќе се угаснаа светлата ,ќе блеснеше големото филмско платно и за мене почнуваше магијата, Да бидам искрена, не се разбирам многу во камери, но ќе си ги изгледав сите три филма , некогаш ќе дремнев ( Мендо со лакто ќе ме шибнеше во слабината) и ќе си напраев ќеф на душата .Ќе се здрвев од седење, но ако културно се издигнавме и уживав во секој момент поминат во кино салата.
И знаете кога престанав да одам на овој фестивал, првата година кога скопјани го зедоа под свое покровителство и за нас битолчани кои години му даваа живот, немаше карти . Толку многу се навредив (сенкир тие се насекираа за мене), па не можеше да ме привлече ниту црвенио ќилим што го постелваа пред влезот. А што ќе прошетав ,,зелениот фустан , ќе ме видеше цела Битола на Тера телевизија и отиде мојот џокер .
Си се научивме сите во салата, па ми идеа како роднини со кои се гледам еднаш годишно. Одевме и на „ Илинденски денови” и таму си уживав, на отворено, музиката ечи( се враќав заглушена во ушите) а една година црвена и насолзена во очите од тие светлата . А да не кажвам за комарците , си знаат тие што им се омилени на комарците , каква напаст се кога ќе ти се пуштат да те касаат собрани од цела Битола.
Еднаш бевме во Хераклеа на некоја претстава . Луѓе мои , да одите не е битно што и да гледате. Толку ми беше убаво од атмосферата, седнати на каменот во амфитеатарот а околу мене на ѕидот наредени и запалени светилки. Над нас небото преполно со ѕвезди и една голема сјајна месечина , се´ е толку нестварно што нешто затреперува длабоко во тебе и те облагородува . Тивко е, и мирно, се слушаат само гласовите на актерите. Толку се занесов од таа убавина што и не знам што гледав . Паметам дека на излегвање ми се заглави топукот од челите и дека мораше да се скрши за да го извадиме .
Во летото кога е „Битолско културно лето” редовно си шетаме на Широк сокак, си ги гледаме уличните претстави, децата со нас , си држиме в раце сладолед и си уживкаме. Само ова децава кога ќе почнат да бараат да им купиме нешто од проматарите , од срам ми иди в земја да пропаднам, зошто парите се толку , за сладолед и две ќулавки со пуфки . Еднаш Ленин легна на земји и почна да се дери оти не му купивме една играчка .
Кога почнав да викам Ленин, Ленин стани, луѓето почнаа да се собираат околу нас и не знам што чекаа , Ленин револуционерот да воскресне. Се собравме на брзина и правец дома и додека стигнавме до дома, мене лутината ми помина.Ако сте лути на своите деца и ви иди да ги наплескате, прошетајте до Боримечка , лутината гарант ќе ви помине. Сега ми светна што курназ е Менде. Тој е добриот полицаец кој ретко ги кара а многу често им ги исполнува желбите, јас сум лошиот полицаец кој мора да одржува една рамнотежа меѓу нашите можности и нереалните барања на децата . Како е кај вас, кој ја има улогата на лошиот полицаец ?
Др. Анастасија Кокан Петровска, родена во Скопје, живее и работеше во Битола, сега во пензија.