На 17 и 18 април со почеток во 19:30 часот, во Кино Манаки во Битола ќе се одржат две предпремиерни проекции на филмот „Железната тврдина“, во режија на Митко Панов, единствениот македонски добитник на престижната награда „Златна палма“.

„Железната тврдина“ е филм што раскажува длабоко човечки приказни за кревкоста на човекот, создаден како резултат на филмска работилница со штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар. Од иницијатива со силна социјална димензија, проектот прераснува во долгометражно остварување кое отвора значајни прашања за менталното здравје и општествената перцепција.
Покрај осумтемина штитеници кои учествуваат во филмот, во главните улоги настапуваат Синоличка Трпкова, Пол Гордон од САД, Игор Џамбазов, Васко Тодоров ( Тошо Малерот), како и Стефан Шашков и Јасмина Котевска.
Филмот има јасна мисија – да ја подигне свеста за менталното здравје, кое често е предмет на стигматизација и маргинализација. Преку лични и искрени приказни, „Железната тврдина“ се обидува да придонесе кон рушење на предрасудите и поголемо разбирање во општеството.
На двете проекции ќе присуствуваат режисерот Митко Панов, како и Јасмина Котевска и Стефан Шашков од ЦКИ Небо, кои по прикажувањето ќе одговараат на прашања од публиката.
Битолчани ќе имаат ретка можност меѓу првите да го погледнат ова значајно домашно филмско остварување и директно да се запознаат со авторите и нивната приказна.
