Првите скијачи се појавија далечната 1932 г. во Битола и тоа биле воените офицери кои со своите одела и скии предизвикаа сензација во чаршијата, пишува во репортажата од весниците кои во тоа време беа актуелни. Жителите на Битола останаа резервирани околу овој спорт, додека селаните од околните села ги гледале со недоверба мислејќи дека се инженери кои со помош на скиите извршуваат некои мерења.
Клубот “Југ” од Белград на битолчани му подарува 20 пара ски кои поради нивната немаштија и скапата опрема не беа многу прифатени.Така и неприметно поради финансиите згасна оваа иницијатива. Понатаму се развиваат планинарските клубови и здруженија, почнуваат редовните излети низ Пелистер и планините во околината.
Првиот скијач бил забележан во околината на Големо Езеро. Членовите на скијачките клубови со своите скии го освојуваат Кајмакчалан и Пелистер каде се воодушевуваат на терените. На Пелистер во месец мај може да се скија на надморска височина од 1400 метри, пишува во весниците. Скиите стигнаа и до селаните од околните села од каде Гопешани биле првите скијачи кои во 1937 г. со скиите ја прошарале и Бигла планина. Послем нив биле Смилевци па Нижеполци. Со голем восхит се раскажува за малите Гопешани и Нижеполци, основци, кои биле извонредни скијачи и правеле фантастични спустови под Пелистер.
На почетокот од 1938 се одржа и првиот скијачки натпревар во Битола, послем кој децата со самоделски скии или со парчина од бурина се скијале по удолниците на Тумбе Кафе. Истата година во месец Март се одржа поголем натпревар кој започнуваше од Офицерскиот Дом до Тумбе Кафе каде беше целта. Учествувале 19 натпреварувачи од кои само еден не стигнал на целта, ја скршил едната скија. На победникот му бил доделен дел скијачка опрема.
Битола има голема иднина во скијањето на Кајмакчалан и Пелистер каде снегот се задржува дури до месец мај- завршува репортажата во старите хроничарски весници.