Атанас Стојановски – Ацко е битолчанец од месноста викана Чифте-Фурни во Битола, првото од четирите деца на Велика и Лазо Стојановски, роден далечната 1920 година.
Од неговите мали години пројавил интерес за техниката и фотоапаратите, телефоните, грамофоните со кои уште тогаш во раните триесети години правел некакви експерименти, по кажување на неговиот комшија, големиот Такец од тогашна ул.Кланичка во Битола…
Поминувајќи едно детство каде постојано расклопувал и склопувал, поправал и експериментирал по завршувањето на Втората Светска Војна го отвара неговиот занаетчиски дуќан на Широк Сокак со име Радио Центар. Тој бил еден од организаторите во правењето на првата разгласна станица во Битола. Но најпознат бил по тоа дека тој иницирал за да се организира првата експедиција на врвот на Пелистер со цел да се провери дали е возможно од врвот на Пелистер може да се прими ТВ сигнал од далечната Италија.
Послем желбата започнаа припремите. Се набави еден црно бел телевизор, ТВ антена и агрегат за да се обезбеди струја. За да се однеси ова сето а и други работи како шатори, храна, вода, кабли итн, беше организирана цела експедиција која тргна од селото Нижополе, со коњи и мазги.
По пристигнувањето на врвот и после соодветните припреми, на крајот беше примен и првиот ТВ сигнал од РАИ 1 . Среќата и задоволството биле неизмерни. Послем тоа Ацко сам изработува ТВ предавател, го подесува и го намести на врвот на Пелистер со цел истото да го пренеси и кај другите среќниот момент.
На крај беше набавен фабрички предавател од 5 Вати кој се постави и преку кој цела Битола и Битолско гледаше италијанска телевизија.
Во овие сите припреми и експерименти исто така учествуваа и Стојановски Јонче и Даскаловски Асен.
Сликите се направени, по кажувањето на Асен со неговиот апарат.
Даскаловски Асен после тоа се до своето пензионирање беше и работно ангажиран за одржување на репетиторите на Пелистер и среднобрановиот предавател во Битола. Тој е сеуште жив и има од прилика 90 години. На сликите се гледа како се припрема експедицијата во с. Нижополе, како се искачуваат према врвот и носат во рацете антена и др.
Денот кој влезе во нашата историја е 12.06.1958 г.
Голема благодарност до неговиот син Владо Стојанов кој ни ги испрати фотографиите и објаснувањето во врска со настанот и експедицијата.
Сето ова нека остане во нашата историја како пример за големиот успех на нашите ценети битолчани Атанас Стојановски-Ацко,Асен Даскаловски,Борис Гагалевски,Јонче Стојановски,битолчаните кои го иницираа за првпат ТВ емитувањето во Битола…