Куглањето е една од најстарите игри што ја измислил човекот и која има историја од најмалку 7.000 год. Најраните траги й се наоѓаат во египетски гроб кој потекнува од пред 5 милениуми години од старата ера. Не со таа древност, но сепак, релативно рано се појавила и на Балканот. Западноевропските работници, кои во Солун биле на времен престој, од кои најбројни биле Германците, во крајот на XIX век имале организирано куглана во хотелот „Коломбо“, главното врталиште на странците во овој приморски град. Хотелот и кугланата ќе настрадаат при експлозијата на „Отоманбанк“ во познатите самоубиствени атентати што ги извеле велешките гемиџии во 1903 год.
Првите кугларски здруженија во Кралска Југославија започнале да се формираат во 1920 год. и наскоро поголемите градови добиле по една или неколку кугларски објекти.
Заслуга за востановувањето на кугларскиот спорт во Битола им припаѓа на Словенците, кои, меѓу двете светски војни, биле забележителна група службеници или воени лица во градот. А тие, со желба корисно да го исполнат слободното време и да не безделничат, а истовремено да ја ублажат и носталгијата, околу 1927 – 1928 год., во популарната кафеана „Гургур чешма“, ја организирале првата кугларска патека, заедно со сета нејзина инфраструктура и да го привлечат вниманието на битолчани со еден дотогаш невиден, невоинствен, небучен, а истовремено и мошне интересен спорт. „Гургур чешма“ се наметнала од неколку причини, најмногу заради вонградскиот амбиент, опседнат со длабоки сенки на столетните дрвја, како и со пристојната услуга. Имала и уште една предност, изобилна вода од две чешми, една во оградениот двор, другата надвор од него.
Нејзината популарност и посетеност, стекнати уште во османскиот период, сега биле драстично намалени, најмногу заради масовните иселувања на муслиманското население, како и заради тешкото и депресивното време од светската економска криза, па играчите можеле во спокој да ги водат своите битки што траеле од утро до мрак. Сопственикот Јован Лазарев(иќ) од село Рамна, со печалбарски пари донесени од прекуокеанската Америка, кафеаната беше ја купил од Османлија веднаш по Првата балканска војна, кога за многу ниска, скоро за симболична цена, можело да се купи секаква недвижнина. Бидејќи кафеаната значително имала настрадано во Првата светска војна, како и при жестоката експлозија на отворениот склад на артилерската муниција (џепане) на третиот ден Велигден, на 18 април 1922 год., морал да вложи и дополнителни средства за обновување.
Нацртите за патеката и за другите сегменти од игралиштево беше ги дале поединци што имале поголемо искуство со играва, а изведбата му била препуштена на мајстор, кому му помагале помладите членови на семејството Лазареви. Првиот слој леплива земја била донесена од терени на Тумбе Кафе, следниот, кој не смеел да има ни најмало камче, бил долго и добро обработуван. Топките удирале врз дрвени кукли и истите се одбивале од дрвена ограда, зад која се засолнувал еден од синовите на сопственикот или
нивни другар, кој потоа ги враќал назад по специјална висински поставена дрвена патека.
Први играчи биле Словенците – градители, следни групи офицери, нивни пријатели. Натпреварите биле поединечни, во двојки и во групи. Победниците се изборувале за пијалак шприцер.
Извадок од Спортот во Битола, проф. Александар Стерјовски