Поттикната од изреката „Множина од човек се човеци затоа што луѓе не останале”, оваа збирка раскази ја буди емпатијата и ја воскреснува магијата на традицијата што, за жал, пополека се брише. „Читанки за човеци” е збирка од 45 кратки раскази за сочувството и љубовта, за новогодишната ноќ, коледарските песни, бадниковото гранче, мазникот со паричка, амкањето за Прочка, за детство отсонувано во скутот на баба и дедо.

Поделена на три секции „Новогодишните празници не се само реклами за Кока Кола”, „Човеците”, „Судбината на малите луѓе”, збирката е нејзина деветта публикација.
„Празниците се пријатни кога се споделува, кога делејќи ја размножуваме љубовта.” Книгата е во претпродажба, по промотивна цена од 250 денари, а собраните средства во периодот на претпродажба ќе бидат донирани на семејства кои имаат потреба од финансиска помош. Купете нечија радост!

Јована Матевска Атанасова е македонска писателка и психолог, магистрантка на катедрата за креативно пишување. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои – двоен лауреат на наградата за најдобар расказ Живко Чинго, добитник на наградата Пегаз за 2023 за најдобар необјавен роман. Расказот „Пожртвуваност”, застапен во збирката, е дел од учебникот по македонски јазик за шесто одделение. Напишала девет книги и сликовници за деца, една од нив, „Шарени ириси” е издадена на кирилско и Брајово писмо, наменета за лица со оштетен вид.





