Празник на ракометот во Битола: Кадетскиот Ф4 донесе спектакл, Пролет шампион, Пелистер со бронза
Битола денес живееше за ракомет! Спортската сала „Боро Чурлевски“ беше центарот на македонскиот кадетски ракомет, откако градот беше домаќин на завршниот Ф4 турнир за шампион на Македонија во кадетска конкуренција.


Во одлична атмосфера и пред бројна публика, љубителите на ракометот имаа можност да уживаат во вистински спортски спектакл и да ја проследат иднината на македонскиот ракомет. На теренот свои квалитети покажаа кадетските екипи на РК Еурофарм Пелистер, РК Мулти Есенс, РК Пролет и ГРК Охрид, кои со борбеност, талент и квалитет приредија натпревари за паметење.

Титулата кадетски шампион на Македонија сосема заслужено ја освои екипата на РК Пролет, која во текот на турнирот прикажа најконстантна игра и заслужено се искачи на врвот.

Домашниот состав на РК Еурофарм Пелистер, по поразот во полуфиналето, успеа да се издигне и во натпреварот за третото место да слави против ГРК Охрид, освојувајќи го бронзениот медал пред својата публика.

Дополнителна причина за гордост кај битолчани е признанието за младиот пикер Јован Симоновски, кој од наредната сезона ќе биде дел од Еурофарм Пелистер 2, а беше избран и во идеалниот тим, меѓу најдобрите седум играчи на турнирот.

Ф4 турнирот уште еднаш покажа дека македонскиот ракомет има светла иднина, а Битола повторно потврди дека е град кој живее и дише за ракомет.

Честитки до сите екипи за прикажаните игри и многу успех во следните сезони!







