Со две убедливи победи на гостински терен, екипата на ППК Пелагонија го заокружи настапот во Македонската лига за сениорки и го освои високото трето место на табелата.

Во рамки на последните две кола, младата екипа на битолскиот клуб најпрво гостуваше во Берово, каде со сигурна и квалитетна игра ја совлада силната екипа на Зегин со резултат од 4:1. Пелагонија доминираше во текот на целиот натпревар и заслужено дојде до важна победа.
Само неколку часа подоцна, следуваше и вториот предизвик во Кочани, каде битолчанките беа уште поубедливи, совладувајќи ја екипата на Хепи со максимални 4:0.

Со овие две победи, ППК Пелагонија ја потврди својата стабилна форма и квалитет, освојувајќи го третото место во државното првенство, што претставува голем успех за оваа млада и перспективна екипа.

За клубот настапија Калина Митева, Натали Бејковска и Ива Трајковски, кои со својата борбеност, тимска игра и посветеност покажаа дека Пелагонија има светла иднина во македонскиот пинг понг.
