Успешен викенд за ППК Пелагонија: Медали за најмладите во Пехчево и две победи за сениорите во Скопје

од May 17, 2026 0 коментари

Помина уште еден напорен, но исклучително успешен викенд за пингпонгарите и пингпонгарките на ППК Пелагонија, кои забележаа одлични резултати и кај сениорите и кај најмладите категории.

Денес во Скопје се одиграа последните две кола од Македонската Супер лига за сениори, каде сениорската екипа на ППК Пелагонија оствари две значајни победи. Битолчани најпрво славеа против АС Ѓорче Петров со 4:1, а потоа и против Крива Паланка 2007 со 4:2. Со овие резултати, ППК Пелагонија сезоната ја завршува на солидното 6. место во конкуренција од 10 екипи.

Во меѓувреме, вчера и денес во Пехчево се одржаа два турнири ТОП 8 за најмладите категории до 11 и до 13 години, каде младите надежи на клубот повторно блеснаа.

На вчерашниот турнир во категоријата до 13 години, девојките на ППК Пелагонија беа меѓу најуспешните. Калина Митева го освои сребрениот медал и 2. место, Натали Бејковска се закити со бронзен медал и 3. место, додека Ива Трајковски заврши на одличното 4. место.

Денес, на турнирот ТОП 8 до 11 години, Калина Митева повторно блесна освојувајќи го пехарот и златниот медал, додека Марко Макаријоски кај машките го освои 2. место и сребрениот медал.

Одличните настапи на сите учесници уште еднаш покажаа дека ППК Пелагонија има светла иднина и генерација млади таленти кои достојно го претставуваат клубот и Битола.

Babam Bitola

Comments are closed.