По повеќедневна и исклучително тешка интервенција, шумскиот пожар кој зафати голем дел од Пелагонија е целосно ставен под контрола и изгаснат, информираат од Територијалната противпожарна единица Битола.

Огнената стихија ги зафати атарите на селата Маково, Орле, Лознани, Ивањевци, Новоселани, Лопатица, Црничани, Мусинци и Путурус, а во одредени моменти пожарот претставуваше директна закана и за населените места.

ТППЕ Битола од првиот ден беше ангажирана со целокупниот расположлив капацитет од пожарникари и возила. Во справувањето со пожарот учествуваа и Дирекцијата за заштита и спасување, ТППЕ Кавадарци, екипи од РЕК Битола, „Бехтел и Енка“, ЈП „Водовод“ Битола, како и други служби и институции.

Со навремена и координирана интервенција било спречено ширењето на пожарот кон населените места, при што биле заштитени повеќе семејни куќи, викендички, манастири, цркви, помошни објекти и друг имот кој бил директно загрозен.

Од ТППЕ Битола посебна благодарност упатуваат до жителите на погодените села, кои во критичните моменти заедно со пожарникарите се вклучија во борбата со огнената стихија.

Иако пожарот е изгаснат, пожарникарите апелираат граѓаните и понатаму да бидат исклучително внимателни и одговорни, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од појава на нови пожари.
