Со длабока тага беше соопштена веста за смртта на Рејчел Нахмијас, која почина овој викенд на неверојатна возраст од 108 години. Веста ја сподели нејзината внука, Сара Ароесте, позната музичарка и чуварка на сефардското културно наследство.

Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола, тогашен Монастир, и целиот свој ранен живот го поминала во срцето на градот. Таа живеела во познатата жолта куќа „Равена“ на Широк сокак — место кое денес е симбол на едно време, една култура и едно исчезнато, но незаборавно битолско еврејско секојдневие.

Во текот на својот долг живот, Рејчел беше сведок на некои од најтрагичните историски настани. Таа беше единствениот преживеан член од своето семејство по Холокаустот и една од само 2 проценти Евреи од Битола кои го преживеале овој мрачен период. Нејзината животна приказна ја направи симбол на истрајност, човечка сила и достоинство.

За нејзината внука Сара Ароесте, но и за сите кои ја познаваа, Рејчел претставуваше неисцрпна инспирација и морална вертикала. Таа беше главната движечка сила зад многу нејзини проекти и активности поврзани со Македонија, битолското еврејско наследство и сефардската култура воопшто.

Фотографијата што ја придружува оваа вест е направена пред само три месеци, во период кога Рејчел сè уште беше целосно активна, раскажувајќи приказни и пеејќи песни на ладино, јазикот на нејзините предци, кој таа со љубов го пренесуваше на следните генерации.

Животот на Рејчел Нахмијас останува како живо сведоштво за историјата на Битола и нејзината еврејска заедница. Таа беше вистински благослов за светот, а нејзиниот спомен и наследство ќе продолжат да живеат преку оние што ги инспирираше.


Повеќе за фамилијата Нахмијас имате во книгата “Траги на еврејското наследство во Битола”, книжара Books House до поранешна општина, сега Бар Општина.