Во текот на изминатиот период сѐ поактуелна стана темата за поставувањето на наделеку познатите „кутлуци“ на Широк Сокак како и во Старата чаршија.
Имено Одлуката за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Битола која ја донел Советот во 2017 е спорна и по мене противзаконска, особено во членот 16-а каде што е уредено поставувањето на урбана опрема во зимски период, затоа што се судира со член 11 од Закон за прогласување на Старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење („Службен весник на Република Македонија бр. 169/15) кој во ставот 1 и членовите 1,6 и 7 вели дека „Во границите на Урбаниот комплекс – 2: „Широк сокак“, на подрачјето на посебно заштитеното добро – Споменична целина „Амбиентална улица Маршал Тито“ (улица „Широк сокак“), покрај мерките на заштита наведени како заеднички елементи на режимот на заштита од членот 9 став (1) од овој закон, не смее:
1. да се менува изгледот на улицата и на нејзините основни карактеристики;
6. да се поставуваат потпирачи, антени, репетитори, големи рекламни паноа и слична опрема и уреди на објектите и на отворените простори, спротивно на Законот за заштита на културното наследство и
7. да се вршат други недозволени дејства утврдени со актот за заштита на улицата, а за посебно заштитените објекти во границите на таа улица, и дејства утврдени со актите за заштита на тие објекти.

Со поставувањето на популарните „култуци“ ќе оставам сами да одлучите од приложената слика дали се менува изгледаот на „Амбиенталната улица Маршал Тито“.
Нејзините карактеристики се одамна изменети затоа што фасадите на законски заштитените градби се одамна девастирани, на истите се прикачени тендите (покривите) од овие „кутлуци“, иако со закон и тоа е забрането. Денеска сме сведоци дека тие фасади, тој карактеристичен амбиент на Широк Сокак веќе го нема. Имаме тесно грло каде што едвај може да се разминеме и едвај што можеме да му покажеме на гостите кои доаѓаат од странство.

Во точката 6 од член 11 од Закон за прогласување на Старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење како и во Законот за заштита на културното наследство член 80 кој вели „На недвижно културно наследство и друго недвижно добро заштитено според одредбите на овој закон не смее да се истакнуваат фирми, реклами, табли, плакати и други известувања и да се поставуваат уреди како антени, клима уреди, сончеви колектори и друга опрема“, јасно и недвосмислено се гледа што не смее да се поставува.Но, претпоставувам дека некој сфатил оти во законот е наброено „што смее“ да се постави.

За непочитувањето на каква-таквата одлуката донесена од Советот во 2017 година во некоја наредна прилика, а за девастирањето на Широк Сокак како и на Старата чаршија има доста материјал по кој може да се отвори широка правна и културно-историска научна расправа, но мислам оти засега е доволно.
Мислам дека е доволно за оние што навистина ја сакаат Битола и кои сакаат да го поминат својот живот тука, во една убава Битола.
И искрено се надевам дека Министерство за култура / Ministria e Kulturës, Министерот Бисера Костадиновска Стојчевска, Музеј Битола – Bitola Museum, Општина Битола – официјална страница и Совет На Општина Битола ќе смогнат сили и заедно со спроведување на законот ќе им го вратат на битолчани сјајот на нивниот сакан и непрежален Широк Сокак.

Битола е мој роден крај.
Јас ја сакам Битола.

Даниело Божиновски

Да додадеме и ние од наша гледна точка, пушењето во заградените надворешни делови е забрането со „Законот за заштита од пушењето“ бидејќи мора од трите страни да има отворен простор за што е надлежна Пазарна Инспекција.