На Велики петок се поминува под „гробот на Исус“
Велики петок или уште нарекуван Распети петок е ден за духовно прочистување. На овој ден е распнат Исус Христос и поради тоа се смета за најтежок празник во годината. На Велики петок не се работи и се сочувствува со Божјиот Син. Многумина практикуваат строг пост, при што до зајдисонце не јадат ништо, а пијат само вода.
Во православните цркви на Велики петок се поставува специјално украсена маса, која е симбол на гробот на Исус. На неа се изнесува Плаштеницата – покривка на која е претставен ликот на нашиот Спасител како лежи во гробот.
На овој ден православните верници одат в црква со цвеќе и црвено јајце, кои ги оставаат на „гробот“, ја бакнуваат Плаштеницата, а потоа се наведнуваат и поминуваат под неа молејќи се за здравје, мир и благосостојба. Поминувањето под Плаштеницата ја симболизира смртта и воскреснувањето на Христос. Се смета дека оној кој минува под неа влегува како грешник, а излегува како нов човек, прочистен од старите гревови.