Во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција, одобрен од Министерството за образование и наука, ОУРЦ „Кочо Рацин“ од Битола во пресрет на големиот православен празник Св. Никола успешно ја реализираше четвртата проектна активност.
Со многу трпение, посветеност и искрена радост, учениците заедно со училишниот кувар и домаќинската секција подготвија богата посна трпеза, исполнета со традиционални јадења како тавче гравче, питулици, сарма, риба и баклава. Секое јадење беше повеќе од рецепт , беше израз на труд, внимание и почит кон традицијата.

Активноста беше можност учениците низ заедничка работа да ја почувствуваат радоста на соработката, да учат едни од други и да го споделат чувството на припадност и прифаќање. Преку допирот со обичаите и празничниот дух, се градеа моменти на блискост, доверба и искрена насмевка.

Заедничката подготовка и споделувањето на трпезата оставија силна порака, дека заедништвото, разбирањето и меѓусебната поддршка се вредности што се учат најубаво токму преку вакви топли и човечки моменти, кои се и суштината на проектот за меѓуетничка интеграција.






