Последните временски непогоди повторно покажаа колку силата на природата може за миг да го промени животот на еден град. Но, ако погледнеме наназад, ќе видиме дека Битола со векови живеела со истата закана. Реките Драгор и Курдерес во многу наврати излегувале од своите корита, рушеле мостови, поплавувале улици и маала, уништувале обработливи површини и оставале огромни материјални штети.

Во книгата „Злосреќи“, историчарот Александар Стерјовски преку архивски документи, патописи и службени записи ја бележи долгата историја на големите поплави што ја погодиле Битола.
Најстарото сведоштво потекнува од 1591 година, кога венецијанскиот патописец Иван Каваза запишал дека Драгор толку силно надоаѓал што ја поплавувал околината и носел огромни карпи.
Во 1656 година поплава избришала цело маало. Уништени биле куќи, а жителите побарале ослободување од даноците бидејќи останале без средства за живот.
Во следните векови, поплавите речиси редовно се повторувале. Архивите бележат големи водени стихии во 1774, 1776, 1828, 1847, 1848, 1854 и 1864 година, кога биле уривани мостови, оштетувани патишта, уништувани дуќани и земјоделски посеви.
Особено тежок период биле дваесеттите години на минатиот век. Големите поплави од 1924, 1925, 1926, 1927 и 1928 година оставиле огромни последици. Драгор и Курдерес ги разурнале кејовите, биле однесени мостови, поплавени улици, дуќани и куќи, а штети претрпеле и бројни пелагониски села. Само за санација на мостовите и кејовите биле издвојувани десетици, па и стотици илјади тогашни динари, а обновата продолжила и во 1929, 1930, 1932 и 1934 година. Во помошта за настраданите се вклучил и Меѓународниот Црвен крст.
Една од најразорните поплави ја погодила Битола во декември 1935 година. По силно невреме и незапаметен дожд од 104,4 литри на квадратен метар, биле поплавени улици, куќи, дуќани, мостови и обработливи површини. Градските власти формирале комисии за проценка на штетите, а следувала обемна санација на кејовите и инфраструктурата.
Ниту во воените години природата не мирува. Во 1942 година поројните дождови ја излеале Црна Река и предизвикале големи штети врз земјоделските површини, особено во Ивањевци. Во 1944 година, пак, силна буица во Бистрица го поплавила селото, при што ученикот Милен Илиев спасил петгодишно девојче кое водата го носела низ улицата, за што подоцна бил јавно пофален и награден.
Историјата покажува дека поплавите не се нов феномен во Битола. Напротив, тие со векови биле дел од животот на градот, а секоја генерација повторно ги градела мостовите, кејовите и домовите што водата ги однела.
📖 Извадоци од книгата „Злосреќи“ на Александар Стерјовски.
