На 14 и 15 Јуни Техничкиот факултет беше домаќин на првиот за природни и технички науки во државава. Саемот ги обедини сите научни и креативни сили во градот, почнувајќи од ученици, преку наставници и професори од сите нивоа на образование, па се до локални компании кои се занимаваат со висока технологија.
Првиот ден имаше тимски натпревари по математика и физика, на кои на забавен начин мешани тимови од 6 општински училишта си ги измерија силите и најважно од се, прекрасно си поминаа. Исто така, одржана беше панел дискусија за проблемите со кои се соочува математичкото образование почнувајќи од одделенска настава, па се до факултет.
Вториот ден, постетителите можеа да го видат огромниот научен потенцијал на нашиот град. Почнувајќи од игри организирани од приватни СТЕМ училишта, преку изложени научни проекти на ученици од основно и средно образование, до различни предизвици за сите, низ чие совладување со користење на висока технологии се запознаа со дејностите на локалните компании.
Идеен творец на саемот е професорката по математика на Техничкиот факултет, др Елена Котевска, која ги обедини силите на Техничкиот факултет, Сојузот на математичари, УКЛО и проектот КОЛОРС за реализација на прв од ваков формат настан во државава.
После напорната работа, сите вклучени во организацијата на саемот се презадоволни од постигнатиот успех, посетеноста и успешноста на саемот. Своето задоволство од една ваква манифестација не го криеа ни учесниците на саемот, кои имаа само пофални зборови и со радост го очекуваат следното издание, за кое организаторите ветија дека ќе биде уште побогато со содржини и настани.