Битолска реалност: Повеќе професори и директори од ученици – само 12 матуранти во Државното Музичкото училиште и 13 во Земјоделското училиште СОЗУ Кузман Шапкарев

Додека образовниот систем во Македонија се соочува со бројни предизвици, состојбата во некои средни училишта во Битола добива алармантни димензии. Во учебната 2024/2025 година, само 12 матуранти завршуваат во Музичко училиште, а едвај 13 во Земјоделското училиште. Овие бројки отвораат сериозни прашања за оправданоста на трошоците и функционирањето на овие институции.

Во време кога учениците се бројат на прсти, бројот на вработени останува непроменет – директори, заменик-директори, педагози, психолози и наставен кадар кој е поголем од бројот на ученици. Во некои случаи, наставниот процес трае само по неколку часа дневно, при што целосниот ангажман на дел од кадарот се сведува на околу три работни часа.

Покрај тоа што ваквата состојба е економски неодржлива, таа испраќа и погрешна порака до младите: дека формата е поважна од суштината. Наместо фокус на квалитетно образование и адаптација кон реалните потреби на пазарот и општеството, се одржува систем во кој институциите функционираат сами за себе.

Потребна е итна и транспарентна анализа – дали е оправдано постоењето на паралелки и цели училишта со едноцифрен број ученици? Дали овие установи можат да се трансформираат во современи образовни центри, во чекор со времето и интересите на младите?

Додека учениците заминуваат, а училниците остануваат празни, образованието станува заложник на бирократски навики и неефикасно управување. Прашањето што останува е: за кого постојат овие училишта?

Фото насловна Ако одам во Битола