ПИСМА ЗА МАНЧЕСТЕР, МОНПЕЛЈЕ И СВЕТА ГОРА ПО ГРЕШКА ЗАВРШУВАЛЕ ВО БИТОЛА – НЕОБИЧНА ПРИКАЗНА ОД 1913 ГОДИНА

од • October 23, 2026 • 0 коментари

Пред 113 години, белградскиот весник „Политика“ објавил необична приказна за битолската пошта. Писма наменети за градови низ Европа, па дури и за манастири на Света Гора, завршувале во Битола поради нејзиното тогашно име – Монастир.

На 21 мај 1913 година, во белградскиот весник „Политика“, на втората страница, бил објавен текст со наслов „Битољ у свету“, потпишан само со иницијалот „К.“.Текстот открива една необична појава која во тоа време им создавала сериозни главоболки на поштенските службеници.Битола, позната во светот под името Монастир, станала толку препознатлива по Балканските војни што дел од европските поштари почнале погрешно да ги насочуваат писмата кон неа.Доволно било некое име на град да започнува со „Мон“ или „Ман“, а адресата да биде напишана нечитливо, па писмото наместо на вистинската дестинација да заврши во Битола.Така, според тогашниот веснички запис, во битолската пошта пристигнувале писма наменети за францускиот град Монпелје, англискиот Манчестер и италијанскиот Монфалконе.Но тука не завршувала забуната.Во Битола пристигнувале дури и писма наменети за манастирите на Света Гора!Иако на пратките биле наведени имињата на манастирите Зограф, Хиландар или Пантократор, поштенските службеници понекогаш го препознавале зборот „манастир“ и ги испраќале кон градот Монастир.Во написот се споменува дека слични забуни постоеле и порано, особено со места во Северна Африка.Поради големиот број погрешно насочени пратки, битолските поштари морале да ги раздвојуваат и повторно да ги испраќаат писмата кон вистинските дестинации.Можеме само да замислиме колку необично изгледало кога меѓу писмата за битолските трговци, семејства и установи ќе се појавело писмо за некој далечен европски град.Оваа необична приказна ни открива и нешто повеќе од една поштенска грешка.Таа покажува колку името Монастир било присутно во меѓународната комуникација во почетокот на XX век.Пред повеќе од еден век, Битола не била само град од кој се испраќале писма низ светот. Понекогаш, по грешка, целиот свет испраќал писма во Битола!Битола низ светските архиви | Бабам БитолаИзвор: „Политика“, Белград, 21 мај 1913 година, број 3360, страница 2, „Битољ у свету. Забуна на поштама због прослављеног Битоља – Монастира“.

Babam Bitola

Comments are closed.