Зимница – втор дел
Пиперки на сто начини . Јас ќе кажам нешто, вие дополните со некој свој рецепт. Извесно време, откако останавме сами со Мендо, речиси и да не правам зимници,нешто малку колку за иштаф. Си одам во Веро и ќе си купам што ми треба или одам на пазар , и таму има вредни луѓе што продаваат готови зимници . Менде беше задолжен да купи пиперки, Куртовска капија, црвени, меснати , за мерак да ги гледаш . Тој ги печеше со помош на свекор ми. Јас и мајка ми Цонка, за се´ друго , лупење, мелење, пржење . Мама ги дочеква нејзините пет минути и се шлае околу нас , сваќе ( на мака ми), алал да ти е какво чупе си воспитала. Носи слатко ( од моето), прави салата , ја нуди мајка ми со ракиичка .Цонка моја во животот нема пробано ракија , ама не крши атер, се напива и се закашлува, па морам да ја тупкам по грбо . Мама вари кафе , па носи некои ресани, смоки и така додека ние работиме , таа не части со се´ што и преостанало од празникот Мала Богородица . Не престанва да ме фали, колку сум вредна,како убаво сум ги воспитала децата,како го гледам Менде нејзин и колку ме сака, како да ме има родено. Ги лупиме пиперките, вадиме семките, ги клаваме во црвена мрежаста вреќа и ги обесваме на славината во кадата, да се исцедат преку ноќ .Ја испраќам Цонка моја а таа ми шепоти : Паце ептен ти се има погодено свекрва ти , да си ја гледаш како мајка. Правиме ајвар, додаваме црни патлиџани и домати за да добиеме поголема количина, потоа малиџано, пиперки пеглани,пиперки потпечени и редени во тегла со лукче и магдонос,пиперки на сто начини . Продолжувам со краставички во тегла, ,феферони, гамби полнети со сецкана зелка, руска салата, апетитко, пинџур, пиперки полнети со изварка. Сега вие продолжете да набројувате. Имаше еден специјалитет, што го правеше баба ми, црни патлиџани полнети со магдонос и лукче, два пати пробав ама не ми успеа . Првиот пат ги преварив , па станаа како каша, а вториот пат не беа доволно варени и не можев да ги наполнам . Една година во Ушици, пред да се мажам , татко ми ги утна пиперките , последиците ги видовме пол саат откако ги излупивме. Ни се запалија дланките, пиперките оган лути . Јас плачам и ги држам рацете во леген со вода, за пола минута ми се чинеше дека врие водата во легенот . Мајка ми стега заби и ништо не вели . Баба ми откако го откри виновникот , му ја кажа клетвата: Да даде Госпо да го јадеш целио ајвар и после ќе те видам кога ќе треба да го исфрлиш надвор . ( кутрио уште тоа му фалеше, како што имаше мака со мајасолот) . Цела зима додека го јадевме ајваро , сите дувавме, офкавме , солзи ни течеа и како што предвиди баба ми , најмногу мака виде татко ми. Откако се мажив и дојдов во Боримечка, не ми се има случено таква работа . Ставам по малку луто но со усул , да биде вкусно и да можи да се јади. Теглите со спремената зимница си ги редев во шпаизо. Горните два реда слаткото и марамаладо, другото се´ што е со пиперки и солено. Мендо беше задолжен за ставање зелка во едно пластично буре , а откако го купивме фрижидеро за длабоко замрзнување, многу работи почнавме да клаваме во него. Мендо си ставаше грозје , па си лачеше вино и вареше ракија .
Се прашвам,прават ли денеска вакви зимници ? Мендо мој во меѓувреме се осовремени ептен, па ми одговара: Не се будали да прават, да си го усмрдат цел стан на пиперкоини , башка што има готово да си купат . Кај беше Менде да ми го кажеш ова, кога Паца ќе изработеше две вреќи пиперки ? Кај беше,до мене, ама око лакомо да се направи секој рецепт што ќе го слушневме . Како сакате речете, убави времиња поминавме, јас и Мендо мој . Поздрав , ПАЦА !
Текст Анастасија Кокан Петровска, извадок од книгата „Бабам Битола со расказите за Паца и Мендо“ која моментално е во обработка пред печат.
Фото Гордана Аџиева Михајловска