Петар Георгиевски бил најстариот син во семејството на Сотир и Александра – Цанда Георгиеви од Битола. Роден бил во 1912 година и уште од младоста се издвојувал како исклучително вешт и снаодлив човек. Ги познавал и работел повеќе занаети: бил електричар, автомеханичар и водоводџија, а во времето кога мајсторството значело сигурна егзистенција, неговите раце знаеле да поправат речиси сè.

Семејството Георгиеви имало долгогодишен тишлерско-дограмаџиски дуќан во Битолската чаршија, занает наследен уште од прадедото Ане. Петар, иако не останал само во дрводелството, бил дел од таа работлива семејна традиција. Неговиот брат Васил го изучувал тишлерскиот занает во дуќанот со татко им Сотир, додека Петар се насочувал кон машините, електриката и механиката.

Пред Втората светска војна, околу 1938 година, Сотир Георгиевски му помогнал на свој роднина во Крагуевац со средства за почеток на работа. Со тие пари биле купени 30 велосипеди од марката „Јуниор“ од Австрија, како и механичарски алати. Во Крагуевац била отворена велосипедска работилница, каде велосипедите се изнајмувале по сатница.

Во Битола, до околу 1940 година, работеле англиски геодези кои вршеле геолошки бушења со механички погон. Петар повремено работел со нив две години и добро ја совладал машината за бушење. Англичаните воделе детална документација и изработувале карти од геолошките истражувања низ Македонија.

Кога поради воените околности почнале да се повлекуваат кон Солун, а оттаму за Англија, на Петар му понудиле да ја откупи машината за бушење. Таа можела да буши до 153 метри длабочина. Со неа дошла и цела машинска инфраструктура, како и голем број ролни со геолошки карти од Македонија, создадени во текот на околу 15 години истражувања.

Од 1940 до 1945 година, Петар вршел бушења за вода во куќи низ Битола, но и бушења за минерална вода во Битолско. Тоа била сериозна и современа дејност за тоа време, со голем потенцијал за развој.

Во исто време, семејството во Крагуевац доживеало голема трагедија. Сопругот на братучетката на Сотир и нејзините двајца синови биле погубени во масакрот во Крагуевац. Таа останала сама, а велосипедската работилница била затворена и оставена под нејзин надзор.
Есента 1945 година, Петар и неговиот брат Васил биле повикани во градската управа. Таму им било соопштено дека машината за бушење, со целата опрема и картите, мора да биде предадена на државата. Машината требало да биде испратена во Скопје, во новоформираниот Геолошки завод, а Петар да работи како главен мајстор, додека Васил како мајстор со машината.

Петар жестоко реагирал. Неговите зборови останале запаметени:
„Јас сум газда на сето тоа, а ти сега ќе ме правиш аргат на своето да бидам.“
Поради тоа бил затворен шест месеци како „ратен богаташ“. Машината, опремата и картотеката биле конфискувани. Васил бил предупреден да биде мирен, а семејството останало без дел од трудот и имотот што го создавало со години.
Во периодот од 1945 до 1948 година, Геолошкиот завод повторно го повикувал Петар од Битола во Скопје, бидејќи им биле потребни неговите знаења, совети и помош за машината. Тој одбивал да соработува со системот кој му ја одзел сопственоста. Поради тоа бил под притисок од властите, во услови кога семејството со бонови и точки се борело за основна прехрана.

Еднаш бил однесен со спровод во Скопје. Бидејќи ги игнорирал барањата, бил испратен еден месец на воена вежба како казна, некаде во близина на бугарската граница. Подоцна бил обвинет за наводни дезертерски испади и бил затворен во воен затвор околу три месеци. Таму им ги поправал воените возила, поради што бил помилуван и пуштен порано од предвиденото.

По враќањето во Битола, притисокот од системот продолжил. Иако бил ВКВ мајстор, електричар, автомеханичар и водоводџија – никогаш не бил вработен како ВКВ мајстор. Работел како КВ калфа во Државната болница во Битола. На доктори, директори и луѓе од општината им поправал автомобили, куќи и разна опрема, но никој не успеал или не сакал да му помогне да ја надмине неправдата што ја носел со години.

(КОМИСИЈА ЗА ПОЛАГАЊЕ МАЈСТОРСКИ ИСПИТИ при НО на Битолска околија – Битола
ДИПЛОМА
Петар Сотиров Георгиев, роден на 12-III-1912 г. во Битола,
Околија Битолска, Народна Република Македонија, на ден 28-X-1957 г. положи пред оваа КомисијаМАЈСТОРСКИ ИСПИТ
од машино-браварскиот занает.
Врз основа на чл. 83 од Уредбата за занаетчиските дуќани и занаетчиските претпријатија и прописи за стекнување на стручна спрема, Испитната комисија го огласува за
ЗАНАЕТЧИСКИ МАЈСТОР
од наведената струка и му ја издава оваа диплома.
Бр. 368/… 845
28-X-1957 год.Членови на Испитната комисија:
[потписи]Претседател на Испитната комисија:
[потпис]Печат: Народен одбор на Битолска околија)
Петар Георгиевски починал во 1974 година, на 62-годишна возраст, без пензија и без признание од државата. Зад него останала приказна за човек со големо мајсторско знаење, претприемачки дух и работна дисциплина, кој го градел својот живот со труд, а повеќепати бил принуден да почнува од почеток.
Подоцна, лице кое работело во Геолошкиот завод потврдило дека англиските геодетско-геолошки карти што биле одземени од Петар биле основа за понатамошната работа на Заводот. Дел од картите околу 1960 година биле испратени во Белград, а дел останале во подрумите на Заводот. По рушењето на зградата околу 2010 година, се зборувало дека дел од документацијата останала во поплавените подрумски простории.

И машината продолжила да живее по својата необична судбина. Околу 1965 година била откупена како старо железо, иако била исправна, од човек кој работел со неа во Заводот. Подоцна, околу 1975 година, машината била препродадена на човек од Драчево, Скопје, и уште долго време се користела за бушење вода низ Драчево и Зелениково.

Петар Георгиевски останува дел од една битолска фамилијарна приказна за занает, знаење, работа и отпор. Човек кој не прифатил лесно да стане работник на сопствената машина и на сопствениот труд.
…………
Зоран Ѓоргиев
…во спомен на мојот дедо кој никогаш не го запознав бидејќи прерано почина.
