Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја започнуваат плеј оф серијата во македонската ракометна Суперлига, во која ќе се решава прашањето за шампионот на државата. Првиот од вкупно десетте натпревари во разигрувањето битолчани го играат на гостински терен, во Кавадарци.
Во салата Јасмин, Пелистер ќе се соочи со екипата на ГРК Тиквеш , во натпревар што се очекува да понуди цврст и квалитетен ракомет уште од самиот старт на плеј оф фазата. Дуелот е закажан за 27 февруари со почеток од 19 часот.
Зелено белите влегуваат во завршницата од сезоната со јасна цел, одбрана на шампионската позиција и потврда на континуитетот во македонскиот ракомет. Плеј оф системот носи десет натпревари за секоја екипа, а секој бод ќе има огромно значење во трката за титулата.
Од таборот на Пелистер најавуваат максимална посветеност и фокус уште од првиот свиреж. Поддршката од навивачите се очекува и во Кавадарци, каде Зелената армија традиционално знае да создаде домашна атмосфера и на гостински терен.
Почнува битката за шампионската круна. Пелистер ја отвора со јасна порака дека титулата останува главна цел.





