Планинарскиот спортски клуб Пелистер од Битола ја продолжува традицијата и годинава по 37-ми пат ќе го организира планинарскиот марш „Димитар Илиевски – Мурато“, во чест на првиот Македонец кој го освои највисокиот врв на светот, Монт Еверест.
Маршот ќе се одржи на 9 мај 2026 година на планината Баба – Пелистер, а се очекува учество на неколку стотици планинари од земјава и странство, со што настанот добива и меѓународен карактер.
Главната маршрута започнува од Инфо центарот на Националниот парк Пелистер, преку Палиснопје и Ловечка куќа, сè до врвот Пелистер, а потоа и до Димев Врв. Организаторите најавуваат дека пристигнувањето на врвот ќе биде во периодот од 11 до 12 часот, каде традиционално ќе се одржи читање посветено на ликот и делото на Димитар Илиевски – Мурато.
Паралелно, на Копанки во 10 часот ќе се одржи полагање цвеќе пред споменикот на Мурато, кратка комеморација и доделување благодарници.
За поискусните планинари е предвидена и дводневна маршрута која започнува на 8 мај од Ниже Поле, преку Дебел Рид и Големо Езеро, со ноќевање во планинарскиот дом, а следниот ден продолжува кон врвот Пелистер.
Од ПСК Пелистер апелираат дека учесниците треба да бидат физички подготвени и со соодветна зимска опрема, со оглед дека станува збор за искачување на надморска височина над 2500 метри. Исто така, се потенцира важноста од дисциплина и зачувување на природата, без оставање отпад зад себе.
Пријавувањето за учество е задолжително и трае до почетокот на мај, а организаторот обезбедува водичи, спасувачки тимови, како и можност за ноќевање во планинарскиот дом на Големо Езеро.
Со оваа традиционална манифестација, Битола уште еднаш ќе му оддаде почит на својот херој Димитар Илиевски – Мурато, симбол на храброст, истрајност и љубов кон планината.
За пријава ТУКА
