Панде Димитровски и СИДО: Човекот што живееше за детската песна и генерациите спомени

од May 10, 2026 0 коментари

Кога се зборува за СИДО, не се зборува само за фестивал. Се зборува за емоции, детски гласови, полни сали, трема зад сцената и спомени што остануваат за цел живот. А зад многу од тие моменти стојат луѓе кои тивко, посветено и со срце работеле фестивалот да стане дел од битолската душа.

Еден од нив е и Панде Димитровски, човек чие име останува длабоко поврзано со историјата на СИДО.

Неговата приказна со фестивалот започнува уште во раните години 1992-1996 година, кога со многу љубов, организација и посветеност станува дел од тимот што го градел СИДО како директор на маркетинг и продуцент, поточно агенцијата ,,Феријал” за естрада која била вклучена во фестивалот. Работел на организацијата, учествувал во подготовките, а подоцна преку бројни ангажмани помагал фестивалот да расте и да добива сè поголемо значење.

Панде бил дел од едно време кога детската песна во Битола не била само настан, туку празник за цели генерации. Во годините кога СИДО се развивал, фестивалот добивал сè поголема поддршка, а голема улога имале и медиумите. Особено значајна била соработката со Македонска Радио Телевизија МРТ, која го препознала значењето на СИДО и овозможила снимања и директни преноси, носејќи ја детската песна до секој дом.

Во спомените на Панде остануваат и многу луѓе со кои создавал нераскинливи пријателства, музичари, автори, организатори и фолклорни работници кои живееле за фестивалот. Тој со гордост се сеќава на луѓето што ги создавале мелодиите и атмосферата на СИДО, но и на сите кои со љубов работеле зад сцената.

За настанот 30 години СИ-ДО вели дека емоциите му биле на 6-ка, на најсилно. Повторно после многу години бил заедно со веќе возрасни личности со кои ја прошетал цела Македонија додека тие беа мали дечиња со нивните СИ-ДО хитови.

Го издвојува и моментот кога за време на прославата петгодишнина СИ-ДО на плоштад Магнолија се одржа директен пренос за првпат во историјата на МРТ.

Особено сум горд на оној момент на 11 октомври 1995 година, кога СИДО успеавме да наполниме две универзални сали во Скопје во еден ден, нешто што и денес се памети како голем успех и доказ за љубовта што битолчани ја имале кон фестивалот, дополнува Панде, споредувајќи се со нивните ривали Златно Славејче, на кои тоа не им беше никогаш остварливо.

„СИДО не беше само фестивал. Тоа беа емоции, пријателства и живот во ритамот на детската песна“, сведочат неговите спомени.

Благодарение на луѓе како Панде Димитровски, СИДО остана повеќе од фестивал, остана дел од детството на многу генерации битолчани.

Фото Камерен Оркестар Дива и Маја Андоновска Илијевски

Babam Bitola

Comments are closed.