ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБАТА „СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА“ – ДАВИД КОЗАРОВ ДОБИТНИК НА ПРВАТА НАГРАДА

од August 14, 2026 0 коментари

Во фоајето на НУ Центар за култура Битола синоќа беше отворено 14. издание на изложбата на фотографии „Со Љубов од Битола“, проект на Центарот за европски развој и интеграција – ЦЕРИ Битола.

Годинашното издание се одржува под темата „Битола во златниот час“, посветена на препознатливата топла светлина пред зајдисонце и нејзиниот посебен визуелен печат врз градот.

На конкурсот учествуваа 19 фотографи со вкупно 100 фотографии. Стручното жири во состав Александар Јоначиќ, Горан Кузмановски и Диоген Хаџи-Коста Милевски избра 25 фотографии кои се претставени на изложбата.

Првата награда ја освои Давид Козаров, втората Викторија Стојковска, додека третата награда ѝ припадна на Татјана Димитриевска. Наталија Василевска доби пофалница за посебна мајсторија.

Победничката фотографија на Давид Козаров

Наградите ги врачија претставници на организаторите, институциите и поддржувачите на проектот, кои ја истакнаа важноста на фотографијата како начин за зачувување на моментите, атмосферата и препознатливиот лик на Битола.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, а се реализира во партнерство со НУ Центар за култура Битола. Изложбата е дел и од Битолското културно лето „Бит Фест 2026“, со поддршка од КИЦ Битола, Општина Битола и Опфолио Инвестиции.

Изложбата „Со Љубов од Битола“ ќе биде отворена за посетители до 27 август 2026 година, секој ден освен недела, во работното време на НУ Центар за култура Битола.

Babam Bitola

Comments are closed.