Основното општинско училиште „Стив Наумов“ од Битола со низа едукативни, културни, спортски и хуманитарни активности ќе го одбележи својот патронен празник.

Во рамките на манифестацијата „Недела на Стив Наумов“, која ќе се одржува од 19 до 27 октомври, предвидени се работилници за учениците, крводарителска акција, активности посветени на здравјето, спортски натпревари и еко-акција.
На 22 октомври ќе се одржи историски час посветен на животот и делото на народниот херој Стив Наумов, како и доделување награди од ликовниот и литературниот конкурс, проследено со литературно читање.
Централниот настан е закажан за 27 октомври, во 18 часот, во Офицерскиот дом во Битола, каде што ќе се одржи свечена академија под наслов „Стив Наумов – вчера, денес и утре“.
Преку предвидените активности, училиштето, предводено од директорот Никола Пискачев, продолжува да ја негува традицијата, да го чува споменот на својот патрон и да ги поттикнува учениците на знаење, хуманост, солидарност и општествена одговорност.