Со Оливер Јосифовски за музиката што ја носиме од дома, слободата да ја менуваме и градот што продолжува да звучи во нас
Еден град се памети и по слух. По глас од соседниот двор, по музика што излегува од отворен прозорец, по разговор што одеднаш преминува во песна. Некои од тие звуци ги забораваме. Други ни се враќаат години подоцна, среде мелодија, и веднаш знаеме од каде ги познаваме.

По повод 4 Ноември, со Оливер Јосифовски разговараме за Битола како музичко искуство. За луѓето и средбите што го оформуваат слухот, за храброста наследената музика да добие нов живот и за она што еден автор го носи од својот град, дури и кога не го споменува неговото име. Ексклузивното слушање на материјалот од албумот „All Colors of M“, пред претстојната промоција на винилното издание, е и повод да се задржиме на нешто за кое сè поретко одвојуваме време. Да седнеме и навистина да слушаме.
Кој е првиот звук од Битола што го паметите од времето пред да знаете дека ќе бидете музичар?
Две работи. Прво, звукот од Саат кулата, една од мелодиите што часовникот ги отчукуваше на секој час, заедно со сликата на Саат кулата и камбанаријата на „Св. Димитрија“. И втората музичка слика, многу подоцна, темата на бендот The Police, „Wrapped Around Your Finger“. Знаете, оној спот со многу свеќи. Знаев до доцна во ноќта да ја слушам таа тема на рипит, на винил, гледајќи во светлата на градот и играта што се создаваше помеѓу безбројните светлини…
Јас музиката најчесто ја гледам низ слики, низ предели, низ мириси, низ сонови… Тие ме повикуваат да се сетам каде сум бил, кој сум бил, пред сето ова да се случи и коцките да почнат да се склопуваат… Зад мојата музичка сенка и зад моето музичко име.
Кој човек или кое место во градот Ви беше музичко училиште без табла на вратата? Што научивте таму што не можеше да се научи од партитура?
Мојот прв учител, кога ќе се сетам сега, ме научи речиси сè. Како да слушам музика, како да свирам, како да пеам, колку да свирам, со кого да свирам, а со кого не. Како се прават тапани. Кога се свири гласно, кога тивко… Кога се свири ретко, а кога густо.
Тоа е мојот чичко, братот на татко ми, со кого многу често поминував време. Слушав и гледав што прави и како се прави, заедно со музичарите со кои свиреше и кои доаѓаа кај нас дома.
Кога работите со стара мелодија, како препознавате што во неа мора да остане недопрено, а каде смеете да бидете дрзок? Ви се случило ли токму најсмелата промена да Ве доближи до нејзината суштина?
Се научив да не ги слушам мелодиите како стари и како нови. Се научив да ги препознавам кога тие нешто во мене разбудуваат… Нешто што ќе открие голема тајна и ќе предизвика голема радост „подоцна“, кај сите.
Нели се сеќавате на оној момент кога со големо внимание, бавно и самоуверено се шетате низ парфимерија… И пробувате да најдете парфем преку мирисот и сите сетила. Ми се чини дека така е и со фразите и мелодиите…
Има ли нешто во Вашата музика што битолската публика го препознава веднаш, а пред друга публика бара поинаков пат? Можете ли да се сетите на конкретен момент кога сте го почувствувале тоа?
Музиката ја артикулирам најчесто преку мојот инструмент, контрабасот. Преку тој инструмент се изразувам во најразличните музички стилови што ги носи денешното време.
Мислам, и сигурен сум, дека главниот печат на мојот музички израз е ритамот. Тоа е совршената форма на комуникација на живиот свет и речиси секогаш Мистер Ритамот е во право. Така што, во која било точка на планетата, кое било живо битие комуницира во вистинскиот ритам и тука не може да има грешки. Цел свет мавта со раце и објаснува нешто или чекори побавно или побрзо во таа совршена ритмичка слика.
На слушачката промоција музиката од албумот ќе нè собере во иста просторија. На што би сакале да обрнеме внимание, што можеби би ни побегнало ако ја слушаме попатно, додека правиме нешто друго?
Убаво е да слушаме со „очи широко затворени“. Да прегрнеме со раце широко отворени. Музиката, сакале или не, ќе ја чуеме. Моментите што нè поврзуваат додека сме во кола, додека слушаме радио или додека слушаме на концерт не се враќаат.
Имам чувство дека ние сме во едно вечно движење, постојано живееме во движење. Убаво е понекогаш да се заслушаме, да застанеме, да се загледаме…
Ако на една плоча треба да ја зачувате Битола за некој што ќе ја слуша по педесет години, што мора да се најде меѓу првата и последната бразда?
Пораката за времето во кое е правена и за времето од кое е инспирирана.
Интервјуто е дел од проектот „Полноќни приказни од Офицерскиот дом“, во чии рамки е и винилното издание на албумот „All Colors of M“, во издание на КИЦ Битола.
