На 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола пристигнува Борис Мојсовски, кинематографер и режисер со богата меѓународна кариера и со посебна лична врска со градот – неговата сопруга е битолчанка.

Мојсовски зад себе има работа на познати филмски и телевизиски продукции како „12 Monkeys“, „Titans“, „The Lost Symbol“, „Rabbit Hole“, „The Madness“ и „Taken“. Член е на American Society of Cinematographers (ASC) и Canadian Society of Cinematographers (CSC), а за епизодата „Thief“ од серијата „12 Monkeys“ ја добива и престижната награда на ASC.

Роден е во Сараево и потекнува од филмско семејство. Неговиот татко Левко Мојсовски бил кинематографер, па Борис уште од детството бил во непосреден контакт со камерата и филмската уметност. По војната заминува во Канада, каде што ја продолжува професионалната приказна и гради успешна меѓународна кариера зад камерата.

Неговото доаѓање во Битола носи интересна симболика. Од едната страна е семејното наследство на Мојсовски и камерата на неговиот татко, а од другата Битола – градот на Јанаки и Милтон Манаки, пионерите на кинематографијата на Балканот, во чија чест повеќе од половина век се одржува фестивал посветен токму на уметноста на филмската камера.

Но врската на Мојсовски со Битола не завршува со фестивалот. Фактот што неговата сопруга е битолчанка му дава на ова гостување и лична димензија – враќање на Балканот и доаѓање во град кој веќе е дел од неговата семејна приказна.

Битолската публика ќе има можност да го погледне и неговиот најличен режисерски проект досега, „Foreign Tongue“.
Филмот ги отвора темите на јазикот, миграцијата, идентитетот и чувството на припадност, поставувајќи го прашањето што навистина го определува човекот како странец – акцентот, пасошот, местото на раѓање, новиот дом или начинот на кој другите го доживуваат.

Токму ваквата тема добива дополнително значење во Битола, град чија историја е испишана со различни јазици, култури, конзулати, доселувања и заминувања, а голем дел од тој свет е зачуван токму преку објективите на браќата Манаки.
„Foreign Tongue“ ќе биде прикажан на 22 септември во 17:00 часот во Центарот за култура во Битола, во рамките на 47. ИФФК „Браќа Манаки“.

Од Сараево, преку Канада и големите светски продукции, професионалниот пат на Борис Мојсовски сега води до Битола – градот на Манаки, но и град со кој го поврзува една многу лична, семејна приказна.
